Романија е активен поддржувач на Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија, беше потврдено на денешните средби на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска со романската премиерка Виорика Данчила и со министерот за национална одбрана Габриел Бениамин Леш во Букурешт, соопшти Министерството за одбрана.

– Северна Македонија со право очекува следната недела да го добие долгоочекуваниот датум за почеток на пристапни преговори со Унијата, не затоа што сакаме подароци, туку зашто тоа го заслуживме. Единствениот начин мојата земја да биде модерна, европска демократија е нашиот фокус да биде иднината и просперитетот на нашите граѓани – рекла министерката Шекеринска.

Премиерката Виорика Данчила рекла дека Романија активно го поддржува европскиот пат на земјата. Таа понудила помош при отворањето на поглавјата во преговорите со Европската унија и рекла дека отворањето на преговорите ќе биде позитивен импулс за целиот регион.

На средбата со својот романски колега Габриел Бениамин Леш, Шекеринска кажала дека двете земји имаат искрен интерес одбранбената соработка да се продлабочи уште повеќе. За 2019 година, споменала, планирани се 16 заеднички активности, кои се реализираат навремено, а планот за 2020 година е во завршна фаза на усогласување. Овој план вклучува соработка во военото образование, стручно – специјалистичката обука и експертските разговори во доменот на одбраната.

Министерот за национална одбрана, Леш, порачал дека Романија секогаш ќе биде доверлив пријател и сојузник на Македонија.

– Фактот дека ќе бидеме 30 сојузници во рамките на НАТО, ќе ја направи Алијансата посилна, а со сигурност ќе придонесе за подобрување на безбедносното опкружување на Балканот – рекол министерот Леш.