Македонија е кредибилен партнер на НАТО, со право очекува и работи да стане нејзина 30-та членка, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Покажавме дека во делот на демократски реформи, владеење на правото, состојби со медиуми, во администрација и политички односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена во државава да ја верификуваат, потврдат и да ја ценат сите земји членки на Алијансата – рече Шекеринска на денешната прес-конференција по повод НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија.

Таа изрази надеж дека НАТО ќе ги препознае одлучната посветеност и цврстата политичка волја на Владата и на мнозинството граѓани во Македонија за остварување на стратешкиот приоритет за членство во Алијансата.

– Со нашата посветеност и со целиот ангажман на припадниците на нашата армија во мировните мисии Македонија покажува дека сме кредибилен партнер и оти имаме што да и понудиме на Алијансата. Токму од тие причини сметаме дека со право Македонија очекува и работи да стане 30-та членка на НАТО – рече Шекеринска.

Како што потенцира заменик-шефот на Воениот штаб од Директоратот за партнерство на НАТО Егил Педерсон, Македонија е многу ценет партнер на Алијансата.

На работилница на НАТО учествуваат 180 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери. Разговараат за операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите.

Ќе бидат презентирани и 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.