Македонија и ЕУ не смеат да ја пропуштат сегашната шанса, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Париз, каде учествува на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни работи (ECFR).

– Македонија не може да ја пропушти оваа можност, но се надевам дека и ЕУ нема да ја пропушти оваа можност. Статус-квото никогаш не е опција за Западен Балкан. Или ќе одиме напред или ќе се вртиме во круг со истите проблеми – додаде таа.

Во рамки на состанокот се одржа панел дискусија за Западен Балкан и ЕУ – „Western Balkans: The EU and Great Power Competition“, на која Шекеринска се осврна на состојбите во земјава и регионот и потребата од интегрирање на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.

– Франција во овие моменти им е потребна на Македонија и на регионот. Сега е моментот кога треба да се дејствува бидејќи ако сега се пропушти можноста тоа ќе значи уште една изгубена декада и тоа не само за регионот, туку и за Европа – рече Шекеринска.

Во врска со спорот за името Шекеринска рече дека двајцата министри дојдоа до извесна рамка за компромис и дека Владата е цврсто решена да не бега од овој проблем.

– Верувавме дека решавањето на проблемите дома и со соседите е најкусиот пат до почнување на преговори за членство во ЕУ и во НАТО. Кога првпат застанавме на ЕУ патеката слушнавме дека Европската комисија и ЕУ се строги, но фер. Но она што го гледаме денеска е дека ЕК и ЕУ се строги, но полни со сомневања – посочи Шекеринска.