Видовте дека критиката што доаѓа од другите европски градови по одлуката на Бугарија е посилна отколку разочарувањето и од критиката кои оправдано доаѓаат од кај нас, кажа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по денешната средба со професорот Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, во врска со проектот за иновативен високо-технолошки текстилен материјал за војничка униформа, наменет за припадниците на Армијата и за земјите-членки на Алијансата, поддржан од Програмата на НАТО – „Наука за мир и безбедност”.

– Кога работите зависат од нас, јас секогаш сум оптимист. Меѓутоа прашањето во билатералните спорови не е само што можете вие да направите, туку и што ќе направи втората страна, и не можете вашиот оптимизам да го искористите за да ја сработите нивната задача – рече министерката, одговарајќи на новинарско прашање во врска со последната блокада од Бугарија.

Шекеринска порача дека и понатаму ќе се носат паметни одлуки и вистински политики.

– Попаметниот пристап е да кажеме дека зад нас е голем успех. Станавме членка на НАТО, работиме на реформите, но и натаму ќе носиме паметни одлуки и вистински политики. Не само за да ѝ покажеме на ЕУ дека се однесуваме европски, туку дека нашите граѓани се Европејци и дека очекуваат од нас европски стандарди – рече Шекеринска.