Македонија денеска го поправа тоа што го пропушти пред десет години, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред стартот на Самитот на НАТО во Брисел.

– Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година. Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско ниво за надворешни работи и одбрана и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија – рече Шекеринска пред новинарите во Брисел.

Шекеринска посочи дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО.

– Денеска сите ја искористија можноста да и честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум нė награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО – рече министерката Шекеринска.

Таа е уверена и дека референдумот во Македонија ќе биде успешен.