Владата покажа дека една милијарда инвестиции во инфраструктурата го смени на подобро квалитетот на живот на граѓаните, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска од денешната посета на струшкиот регион.

– Оние кои сакаат да инвестираат во иднината инвестираат во инфраструктура. Денеска ми беше навистина задоволство што можев да го посетам граничниот премин Ќафасан каде што Владата инвестираше сериозни средства во соработка со ЕУ за да обезбеди полесен транспорт, побрзо минување на граничниот премин и поголема размена со нашите соседи. Инвестираме во граничните премини заради тоа што знаеме дека тие се шанса за бизнисите полесно да можат да продаваат, полесно да можат да се развиваат и да извезуваат. Новите објекти на граничниот премин Ќафасан покажуваат колку брзо можеме да ја менуваме инфраструктурата и таа да биде во поддршка и на граѓаните, но и на македонската економија – рече Шекеринска.
Таа нагласи дека нашата размена и со Албанија расте и се зголемува транзитот. Шекеринска денеска беше и во Лабуништа, каде вели дека животот сега е подобар.

– Секој пат кога сум го посетувала Лабуништа истите дискусии сме ги воделе – каква е патната инфраструктура, каква е состојбата со образованието, особено земајќи предвид дека голем број на деца немаа шанси да имаат каква било спортска активност. Денеска задоволство ми е да бидеме присутни таму каде што животот е подобар, а подобар е затоа што сме вложувале во вистински работи. После 40 години и повеќе успеавме да инвестираме во важен патен правец за целиот овој крај. Патниот правец Суво поле – Лабуништа е целосно реконструиран благодарејќи на средства од Јавното претпријатие за државни патишта и Платежната држава агенција. Тоа покажува – кога институциите соработуваат, навистина резултатите се видливи – нагласи Шекеринска.