Возилото на Воената полиција синоќа случајно се нашло пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тврди министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Според неа, возилото случајно се нашло таму, а причина била посетата на генерал од земја членка на НАТО, кој бил сместен во хотел непосредно до седиштето на партијата.

Полицијата доцна синоќа ги контролираше возилата што влегуваат и излегуваат од подземната гаража кај партиското седиште на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев ја обвини актуелната власт дека станува збор за напад врз неистомислениците.

– Ова е хајка и линч врз сите кои мислат поинаку. Режисерите на ова сценарио сакаат да ги заплашат сите кои мислат поинаку и се противат на капитулантската, антимакедонска политика на аболицираниот Заев – рече синоќа Јанушев.