Бараме поддршка од САД за Македонија да добие покана за членство во НАТО оваа година, зашто еден таков пробив може да има позитивно влијание, кое ќе создаде нова надеж на Балканот.

Ова го истакна заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на тркалезната маса во Вашингтон организирана од американскиот Атлантски совет, со што ја почна официјалната посета на САД.

На тркалезната маса на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“, Шекеринска зборуваше за Балканот и предизвиците со кои се соочуваше во минатото, за политичката криза во Македонија и новите реформски процеси, како и враќањето на земјата на патот кон евроатлантските интеграции.

Атлантскиот совет е една од највлијателните тинк-тенк организации во САД и важен форум за дискусии поврзани со економските и политички промени кои го дефинираат 21 век, кој има влијание врз креаторите на американските политики и одлуки. Тркалезната маса ja организираше Иницијативата за трансатлантска безбедност, како дел од Атлантскиот совет, а ја модерираше нејзиниот претседател Магнус Норденман.

Шекеринска во Вашингтон имаше средби и со конгресмените Дејвид Прајс, демократ од Северна Каролина и Питер Роскам, републиканец од сојузната држава Илиноис, како и со Елизабет Обеги, советничката за надворешна политика на сенаторот од Аризона, Џон Мекејн.

Во текот на денешниот ден, министерката Шекеринска ќе има одвоени средби со заменик – помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, како и со високи претставници на Стејт департментот.