Често оспоруваниот шведски модел, сепак, покажува дека го забави бројот на смртни случаи на дневна база. Така, во текот на една недела се забележани само 17 починати од ковид-19, што за држава како Шведска е навистина малку. Графиконот подолу, презентиран за време на прес-конференцијата на шведското министерство за здравство, јасно укажува на трендот на опаѓање на смртноста.
Од една страна, експертите и понатаму предупредуваат дека Шведска имаше единаесет пати повеќе смртни случаи од соседната Норвешка, додека други нагласуваат дека поминала многу полесно од некои земји во кои беа воведени строги карантински мерки (Белгија, Италија, Шпанија).
Според актуелниот пад на смртноста, Шведска може да се спореди со земји како што се Хаити и Пакистан, кои вложија големи напори во битката за контрола над заразата. Во Шведска се бележи и значителен пад во бројот на новоинфицирани: споредено со ситуацијата пред две недели, од вкупната бројка тестирани на дневна база, позитивни се само една шестина.

Во оваа земја никогаш не се спроведе целосен карантин, туку беше овозможено релативно нормално одвивање на животот. Забранети беа собири на повеќе од 50 лица, беше ограничен бројот на гости во рестораните, се апелираше на одржување физичка дистанца – сепак, и покрај тоа не успеаја да го спречат влезот на вирусот во старските домови, каде што беа регистрирани три четвртини од вкупните смртни случаи, пренесува хрватски „Јутарњи лист“.
На што се должи падот на смртноста во Шведска? Според Џон Карлсон, директор на шведската агенција за јавно здравје, најголема заслуга има придржувањето на граѓаните кон мерките за физичка дистанца, додека водечкиот национален епидемиолог Андерс Тегнел шпекулира дека нацијата можеби го достигнала нивото на „имунитет на стадо“.