Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска оствари работен состанок со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Овој состанок е продолжение на претходната средба, на која министерот Шаќири и ги посочи на амбасадорката Галовеј трите столба на Министерството за информатичко општество и администрација: дигитализација, реформа на јавната администрација и измените и дополнувањата на Законот за медиуми.

Министерот Шаќири денеска ги претстави достигнувањата и напредокот во овие три процеси, нагласувајќи дека тие се резултат на состаноците и консултациите со сите засегнати страни, со цел донесување корисни одлуки за сите.

– Јуни е важен месец во однос на реформата на државната администрација. Следната недела во Единствениот национален електронски регистар на прописи ќе ставиме два нови закона, за кои се консултиравме со Државната комисија за спречување на корупцијата – истакна Шаќири.

Во однос на напредокот во процесот на дигитализација, министерот Шаќири ги наброја измените во Законот за електронски комуникации, подобрувањето на ИТ-инфраструктурата преку ИПА 2 проектот, НОДЕ, додавајќи дека блиску сме до воспоставување на системот за електронска инспекција.

Во однос на измените во Законот за медиуми, министерот рече дека се спроведува постојана комуникација со медиумите и операторите за решавање на отворените прашања. Со помош и поддршка на Европската комисија, ќе се разгледува секој член од овој закон.

Амбасадорката Галовеј од своја страна рече дека британската амбасада во земјата внимателно ги следи овие процеси и ја нуди својата помош во насока на нивно унапредување.