Фото: Архива

Интервју со Стево Пендаровски, универзитетски професор и национален координатор за НАТО

Во пресрет на референдумот на 30 септември, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ подготвува медиумски проект за целосно информирање на граѓаните за сите аспектите од спогодбата со Грција. Проектот е замислен со анализи или со новинарски интервјуа во кои ќе бидат вклучени истакнати соговорници од повеќе области (универзитетски професори, академици, политиколози, правници, медиуми, невладин сектор, претставници од дијаспората како и претставници на политичките партии). Во тој пакет е и интервјуто на универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој ги изнесува своите ставови поврзани со актуелните случувања

Наведете барем три најважни елементи зошто би гласале за или против, односно кои се добри или лоши точки од спогодбата со Грција?
При секое договарање неопходно е да направите компромис, но, притоа е битно да не правите компромис со најбитните работи за вас како поединец или народ. Најголемиот компромис направен од наша страна ќе биде употребата на новото име на државата во внатрешниот правен поредок. Меѓутоа компромисот што грчката страна го прави е од круцијално значење за нас и тука, пред сѐ, мислам на јасните одредби за постоењето на македонскиот јазик, придавката „македонски“ и кодот МК. Сепак, она што индиректно се добива со самиот факт што е постигнат договор е влезот во евроатлантските интеграции, кои ќе ја гарантираат нашата безбедност и ќе создадат претпоставки за побрз економски развој.
Референдумското прашање се состои во три дела.

Колку е правно и политички коректно членството во ЕУ и во НАТО да се подметнува како кукавичино јајце, односно да се стави во залог на спогодбата со Грција?
Објективно, референдумското прашање има два дела и тие се правно, политички и логички поврзани меѓу себе. На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, во завршната декларација се вели дека кандидатот ги исполнил сите критериуми, освен прашањето за името. Една година подоцна, во 2009-та, и Европската комисија го дефинира проблемот за името како предуслов за почнување пристапни преговори. Така што нема ништо пологично од тоа да ги прашате граѓаните дали сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ со прифаќање на договорот за името.

Постојат ли и колкави се шансите сега да се измени нешто во договорите со Грција и со Бугарија или треба да се надеваме на реакција пост фестум, односно во иднина како рамноправен член на ЕУ и на НАТО, Македонија да бара ревизија и измена на спорните одредби од двете спогодби?
Во договорот со Бугарија не може ништо да се измени затоа што во регуларна законска процедура е ратификуван и објавен во „Службен весник“ и тој веќе се имплементира, а договорот со Грција ќе почне да важи дури откако ќе биде ратификуван во грчкиот парламент. Претходно, во нашиот парламент ќе трае расправата по уставните амандмани чија содржина, се разбира, ќе треба да го одразува договореното од билатералната спогодба со Грција. Во однос на најавите на некои државни институции дека ќе се обидат да го задржат своето сегашно име, мислам дека шансите за такво нешто се минимални, затоа што, тоа може да отвори серија барања за модификација на текстот на спогодбата и од грчка страна. Во однос, пак, на најавите на некои албански политички партии дека и тие ќе се обидат да предложат дополнение на спогодбата за таа да опфати и атрибути што се важни за нив како албански етнички корпус, исто така, мислам дека шансите за такво нешто се минимални со оглед на императивните рокови што ги имаме за целосна имплементација на договорот.

Може ли да се постигне семакедонски консензус за да се коригираат сите тие нарушувања во спогодбите со Грција и со Бугарија?
Според меѓународното право, нарушување на спогодба е можно дури откако ќе почне нејзината имплементација. Имплементација на договорот со Бугарија е во многу рана фаза и досега не е пријавено нарушување од ниту една страна, а договорот со Грција сѐ уште не е влезен во сила за да можеме да зборуваме за негово нарушување.
За жал, можноста за семакедонски консензус во однос и на двете спогодби беше пропуштена во текот на изминатата година, затоа што по предлозите од Владата за заеднички средби и конструктивна расправа, од опозицијата беше редовно реплицирано со квазипатриотска и националистичка реторика, во функција на добивање политички поени и враќање на власт.
За мене е крајно разочарувачки фактот дека најголемата опозициска партија не е на висината на историскиот предизвик пред кој е исправена земјата и не покажува капацитет да даде јасен приоритет на стратегиските наспроти теснопартиските интереси. Недозволиво е последната средба, која, патем, одвај беше закажана, за договорот со Грција да биде употребена за барања на индиректна амнестија наместо за давање конструктивни предлози за надминување на најголемиот проблем што Македонија го имала од независноста до денес. Ова изненадува дотолку повеќе што јавноста имаше можност да се увери дека најголемата опозициска партија додека била на власт има директно преговарано за ново име на државата и со грчката влада и со грчкото разузнавачко подземје.


Не мислам дека се потребни корекции во делот на идентитетските прашања

Дали би гласале доколку во спогодбата се направат корекции во делот на идентитетските прашања?
Ќе гласам за спогодбата таква каква што е потпишана затоа што не мислам дека се потребни корекции во делот на идентитетските прашања. Длабоко сум убеден дека јасните формулации во однос на македонскиот идентитет се, имено, оној дел заради кој треба да се поддржи спогодбата во целина.


Најголема национална трагедија за Македонците ќе биде ако вечерта на 30 септември постојат победници и поразени

Пред референдумот граѓаните и јавноста се исправени пред една наметната и лажна дилема, односно сите оние што имаат одредени забелешки во однос на спогодбата со Грција да се етикетираат дека се против ЕУ и против НАТО и обратно, што не само што е погрешна стратегија туку и воопшто не е точна. Кај мнозинството граѓани нема дилеми во однос на ЕУ и на НАТО, но има длабока поделеност во однос на спогодбата со Грција. Може ли и како да се надмине оваа поделеност?
Не можам да гарантирам за сите што се вклучени во кампањата и од страната на невладиниот сектор и од јавните личности, меѓутоа, од моја страна, луѓето што имаат забелешки кон спогодбата, никогаш не биле дефинирани како противници на евроатлантските интеграции или, не дај боже, како предавници што, за жал, е редовна квалификација, која тие ја употребуваат за нас. Напротив, уште во првите денови од кампањата јавно порачав дека најголема национална трагедија за Македонците ќе биде ако вечерта на 30 септември постојат победници и поразени меѓу нас. По ова прашање сите треба да бидеме на истата страна на историјата и бидејќи проблемот е натпартиски, тој така треба и да биде решаван. Инаку, јасно е дека поделбата меѓу двата табора може да се надмине само на еден начин – противниците на спогодбата јавно да ги изложат своите аргументи наместо да се кријат зад индиректниот бојкот. За жал, најголемата опозициска партија дури избегна да се пријави и како формална страна во кампањата.

Фото: Маја Јаневска-Илиева