Министерот за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, посочи дека Австрија дава целосна поддршка на процесот на проширување, оценувајќи дека Северна Македонија испорача резултати и, како што рече, сега на ред е Брисел да испорача.

Тој денеска престојува во посета на нашата земја, во рамки на која се сретна со претседателот Стево Пендаровски на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои годинава одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за состојбите во регионот.

– На средбата претседателот Пендаровски ја истакна важноста на принципиелната поддршка на Австрија за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Европскиот Совет овој месец ќе донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија, што ќе биде силен импулс за натамошна реализација на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.