Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, му ја предаде функцијата на Агим Нухиу, кој ќе раководи со МВР до изборот на нова Влада. Чулев утре се враќа на неговото старо работно место во Агенцијата за разузнавање.

Тој на последниот ден од мандатот, вели дека во изминатите месеци државата поминала турбулентен период со сериозни предизвици.

– Во изминатите неколку месеци сите ние, во Министерството за внатрешни работи, но и во државата поминавме низ турбулентен и прилично специфичен период во кој бевме исправени пред значајни и сериозни предизвици. Министерството за внатрешни работи во изминатиот период имаше исклучително важна задача: да го заштити здравјето на граѓаните, да ја гарантира безбедноста на државата и јавниот ред и мир и да организира мирни, безбедни и демократски избори. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам пред се на вас – граѓаните кои со своето одговорно однесување дадовте сериозна поддршка на Министерството за внатрешни работи во исполнување на секојдневните задачи и обврски и справувањето со предизвиците кои претходно ги споменав – напиша Чулев на Фејсбук.

Тој им се заблагодари и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи за, како што вели, исклучително високо ниво на исполнителност изминатиот период.

Чулев апелира што поскоро да се формира владиното мнозинство што ќе значи и враќање на институциите во својот полн капацитет.