Носењето на одлуката за непродолжување на вонредна состојба без да се консултираат најважните институции во државата отвора кај мене сомнеж дека одлуката е донесена повеќе врз основа на политичко влијание, а многу помалку врз основа на стручното мислење и реалните аргументи со кои располагаат институциите, стручни аргументи кои до сега беа тема на дискусија на седниците на Советот за безбедност, смета техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Тој вели дека факт е дека бројот на заразени од коронавирусот изминатите неколку денови е голем и истиот треба да биде причина за многу посериозен пристап, не само при носењето на оваа важна одлука, туку и при постапувањето на сите инстититуции кои имаат одговорност во овој процес.

Чулев вели дека при носење на одлуката, Пендаровски требало да се консултира и со него, а не само со министерот за здравство.

– Неговата позиција, не дозволува одлуките кои се носат да бидат донесени без консултација со сите релеватни фактори, а уште помалку доколку во прашање е здравјето на граѓаните – вели Чулев.

Министерот вели дека Пендаровски индиректно го обвинувал за непостапување, и според него овие обвинувања се паушални и неосновани и истите се темелат единствено на изјави на одредени политичари од власта, а не на постапувањето на полициските службеници и бројот на констатирани прекршоци од страна на МВР за што говори и бројот на поднесоци до надлежните институции.

– Во таа насока во оваа прилика ќе потенцирам дека од страна на полициските службеници до сега се констатирани 5411 непочитувања на мерката на ограничување на движење, во однос на обврската за носење заштитна опрема до сега констатирани се 12399 прекршоци, направени се преку 180 илјади контроли на лицата во изолација и самоизолација и во соработка со Државниот пазарен инспекторат период направени се преку 20 илјади контроли на угостителски објекти – соопшти Чулев.

Тој апелира до сите политички чинители да бидат максимално одговорни при носењето на сите важни одлуки за нашата држава.

– Уште еднаш потенцирам дека изборите мора да бидат фер и демократски и освен здравјето на граѓаните, тоа е најважен услов кој треба да биде испочитуван при носењето на овие одлуки. Уште еднаш апелирам политиката да ја тргнеме на страна и да се издигнеме над партиските интереси, во таа насока важно е да не дозволиме здравствената и економска да прерасне и во политичка криза – напиша Чулев на Фејсбук.