Фото: Игор Бансколиев

Седумдесет години од формирањето на Државниот архив

Oваа година е во знакот на 70-годишнината од создавањето на Државниот архив. Со указ на Народното собрание на Народна Република Македонија, на први април 1951 година е формиран Државниот архив. Речиси сите активности се во насока на одбележување на овој јубилеј.
Денот на Државниот архив и на архивистите е 1 април и повеќето активности во текот на целата година се поврзуваат со овој јубилеј, а свечената академија ќе се одржи токму на овој датум. Државниот архив е значајна институција и заслужува достојно да се одбележи јубилејот, но, секако, тоа би било во рамките на законските и здравствените владини прописи поврзани со пандемијата. Очекуваме на свечената академија да присуствуваат високи државни функционери, пратеници, министри, претставници на дипломатскиот кор, како и истакнати личности од областа на историјата и културата и наши соработници. По повод овој јубилеј ќе биде објавена и Монографија, во која ќе биде презентиран историскиот развој на Државниот архив со пригодни фотографии, а ќе бидат објавени и значајни документи со кои располага Државниот архив. Ќе се објави и јубилеен број на нашето списание „Македонски архивист“, со пригодни статии, ќе ги промовираме и новите книги од областа на историјата и архивистиката, со кои ќе се претставиме и на Скопскиот саем на книгата, а ќе биде претставена и изложба за активностите на досегашните градоначалници на нашиот главен град. Се очекува по повод 70-годишнината на Државниот архив да се издаде и поштенска марка, што ќе биде уште еден траен белег за овој јубилеј.

За секоја земја и нација од огромно значење е зачувувањето на документацијата, особено на онаа што се однесува на нејзината историја, култура, традиција и сѐ она што е белег и го карактеризира националниот идентитет. Можам да кажам дека нашиот Државен архив со својата богата архивска граѓа и со класифицираните историски документи не само што е главен сведок и чувар на нашето минато туку е еден од главните столбови на нашата државност, историја и на нашиот национален идентитет. Државниот архив во сите овие години се гради како значајна државна институција за нашата колективна меморија, а во поново време го добива и својот европски имиџ со прифаќањето на европските закони и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот закон за архивска дејност, кој наскоро треба да се најде во собраниска процедура, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали. Накратко, може да се каже дека Државниот архив има значајна улога и функција во нашето општество, како за минатото, така и за нашата иднина. Тој е чувар на нашето минато и светилник за нашата иднина.
Вработените во Архивот, а особено оние што директно се поврзани со архивистиката, работат посветено, со љубов и страст при собирањето, складирањето и заштитувањето на историските документи и материјали, и тоа само така може да функционира, зашто архивистиката бара целосна професионална посветеност. Државниот архив има богат трезор и во нашите депоа се сместени 7.769 фонда, 68.369 архивски книги, 1.864 класери и 382 збирки, или вкупно 113.087 кутии архивски материјал. Во својот состав Државниот архив има лаборатории за конзервација и реставрација и за микрофилмување. Во Архивот има 11.208.450 микрофилмувани снимки. Според последните податоци, Архивот е дом на речиси 13 и пол километри филмски архивски материјал. Материјал што, бездруго, сведочи за богатата македонска историја, традиција и култура.

Особено е важно Државниот архив што повеќе да се модернизира и да биде отворен за историчарите, научниците, студентите и сите лица што се интересираат за историјата. Со процесот на дигитализацијата, кој е во почетна фаза и кој сметам дека наскоро ќе почне поинтензивно да се спроведува, практично се заштитуваат архивскиот материјал и историските документи, што е мошне значаен процес што го спроведуваат речиси сите архиви во светот, а наедно тие документи и материјали стануваат полесно достапни до оние што се интересираат за нив. Поточно, покрај значајниот процес на дигитализацијата, сакаме да ја приближиме историјата до граѓаните и тие да имаат слободен и непречен пристап до информациите што се од јавен карактер. Државниот архив организираше и „Отворени архивски денови“, на кои беа поканети средношколци од неколку скопски гимназии. Идејата е младите што повеќе да се интересираат за историјата и за архивистиката, да се запишуваат на Факултетот по историја и архивистика и тие да бидат идните генерации врз кои ќе се потпре функционирањето на нашиот Архив.
Една од дејностите на Архивот е и публикување архивски материјали, историски книги, зборници на документи, брошури, каталози, изложби и специјални едиции на документи верни на оригиналот, со што ја презентираме нашата историја до пошироката јавност. Државниот архив двапати годишно го објавува и списанието „Македонски архивист“, што претставува своевидна збирка на научноистражувачки написи, а кое е и меѓународно признаено архивистичко списание.

Секоја година публикуваме и околу десет наслови на книги од областа на историјата и архивистиката од домашни автори, со кои се претставуваме и на Саемот на книги во Скопје, а наскоро планираме да објавуваме и книги од странски автори за актуелна тематика од областа на историјата и архивистиката.
Државниот архив е рамноправен член на Меѓународниот архивски совет – МАС, (International council on Archives) ICARIUS – меѓународен центар за архивско истражување, како и на повеќе други меѓународни институции и организации од областа на архивистиката, што придонесува за размена на мислења и искуства и за постојани контакти со архивите каде што има и може да се најдат документи што се однесуваат на историјата на Македонија и на идентитетот на македонскиот народ и на другите етнички заедници. Меѓународните активности се и можност за афирмација на нашата историја, култура и традиција.
Од самото формирање на Државниот архив соработуваме и со државните архиви на земјите-членки на Европската Унија, кои секоја година ни укажуваат голема чест со тоа што нѐ покануваат на нивните заеднички полугодишни и годишни конференции, што ни дава можност да ја афирмираме работата на нашиот Државен архив и да развиваме успешна соработка со архивите на земјите-членки на ЕУ.

Државниот архив има успешна соработка и со повеќе архиви во нашето непосредно соседство и често се испраќаат истражувачи на пократок или подолг студиски престој, а големо внимание му посветуваме и на процесот на сукцесија на архивските материјали од архивите на поранешна Југославија, процес во кој од нашата Влада како нејзин официјален претставник е назначен директорот на Архивот.

д-р Емил Крстески

Авторот е директор на Државниот архив