Фото: Маја Јаневска-Илиева

Климатските промени забрзано се случуваат на сите простори, па и кај нас, а процесите што во минатото се случувале на сто и повеќе години, сега се случуваат само за десет години, предупредуваат екологистите и стручната јавност. Климатските промени не ја одминуваат ниту Македонија

ОН повикуваат за спас на планетата

Алармантното исчезнување на Преспанско Езеро, спуштањето на нивото на Охридско Езеро под биолошкиот минимум, намалувањето или пресушувањето на изворите и на реките, како и долготрајната суша, се само мал дел од последиците што се предизвикани од климатските промени во Македонија.
Ако на тоа се додадат и исчезнувањето на многу природни видови, сè потоплите зими и лета од година на година, екстремните временски пројави, тогаш повеќе од јасно е дека климатските промени забрзано се случуваат на сите простори, па и кај нас, а процесите што во минатото се случувале на сто и повеќе години, сега се случуваат само за десет години.За сериозноста на процесот неодамна алармира и првиот човек на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој рече дека човештвото оди кон самоуништување.
– Нашата планета е расипана. Човештвото води „самоубиствена“ војна против природниот свет. Природата секогаш го возвраќа ударот и тоа го прави собирајќи сила и бес – истакна Гутереш.
Вината за ваквите состојби се крие во човечкиот фактор и властите, кои недоволно работат на планот на намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата.
И во Македонија малку е направено на овој план, ако се има предвид дека дури сега почнува гасификацијата на земјата, а главното снабдување со електрична енергија и натаму се реализира со согорување фосилни горива, нешто од што Европа планира да се ослободи многу порано и заклучно со 2050 година да стане јаглеродно неутрална.
Уделот на обновливите извори на енергија во земјава е премал, државата доцни со легислативата што ќе овозможи инсталирање фотоволтаици на секој дом и нивно вклучување во електродистрибутивниот систем, ветерните централи се недоволни, а со форсирањето на проектите за изградба на мали хидроцентрали во планинските подрачја дополнително се нарушуваат цели екосистеми и се уништува природата, предупредуваат екологистите.

Она на што ги повикуваат ОН сите земји за да се намалат последиците од климатските промени се неколку точки, како ставање цена на емисиите на јаглерод диоксид, стопирање какви било субвенции за корисниците на фосилни горива, поголеми даноци за загадувачите, интегрирање на целта за нулта емисија на штетни гасови на сите економски и фискални политики, како и помош за оние што веќе се соочуваат со последиците од климатските промени.
Во Македонија, која е потписник на Парискиот договор, засега најголем дел од времето се троши на стратегии и планови, за чија реализација, пак, многу тешко се наоѓаат пари.
Поради тие причини реагираат еколозите, но и научната јавност, која смета дека државата не ги зема предвид научните трудови и со тоа директно придонесува за влошување на состојбите.
– Сè уште се надевам дека некој конечно ќе се сети да преземе конкретни чекори за реална заштита на Охридско и Преспанско Езеро, а не само да се донесат т.н. стратегиски планови, планови за управување и какви сè не други документи, базирани на нецелосни, непроверени и застарени податоци и тие претставуваат „мртво слово“ – вели професорот Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) истакнуваат дека презеле низа активности на различни полиња со кои се очекува брз напредок во подобрување на состојбата на животната средина, а со тоа и ублажување на последиците од климатските промени.
– Веќе работиме на интеграција на енергетските и климатските политики, како и на долгорочната стратегија за климатска акција, што значи интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, а што истовремено ќе има ефект и на намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот. До крајот на оваа година ќе биде доставен на усвојување и ревидираниот национален поднесок кон Парискиот договор, каде што ќе ѝ предложиме на Владата зголемување на амбицијата за редукција на емисијата на стакленичките гасови дури за 82 отсто во однос на 1990 година, со што ќе обезбедиме значителен придонес во декарбонизацијата – велат од МЖСПП.
Оттаму додаваат дека работат на подобрување на мониторингот на водите на целата територија и меѓуинституционална координација, а веќе е формирана експертската група и во тек е формирање на прекуграничниот комитет за заштита на Преспанско Езеро.