Заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров, денеска оствари средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, во рамки на неговата работна посета на Македонија.

На средбата беше истакната подготвеноста од двете страни за обезбедување континуитет во спроведувањето на Договорот од Преспа, имајќи го предвид поволното влијание врз билатералните односи во услови на зголемена економија, стабилност и просперитет за двете земји. Посебен фокус беше ставен на прашањето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, при што вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од Грција.

– Воспоставеното пријателство меѓу Северна Македонија и Грција се реализира преку конкретни проекти од заемен интерес, но нашата долгорочна визија е градење на заедничка европска иднина, поради што ЕУ мора да го исполни сопственото ветување кон Северна Македонија и регионот, и да ја спроведе одлуката за отворање на пристапни преговори. Надминувањето на пречките во тој контекст е прашање што е од интерес и за земјите членки, за Грција како наш сосед, но и за ЕУ и нејзиното стратешко делување во Западниот Балкан – рече Димитров.

Од грчка страна беше потврден ставот дека европската перспектива на Македонија треба да биде заокружена со членство во ЕУ што влијае и на развојот на модалитетите на билатералната соработка и добрососедските односи во регионот. Дендијас посочи дека таквата поддршка ќе биде афирмирана и во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ со цел усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија за да се означи официјален почеток на пристапните преговори.

На средбата беше дискутирано и за обезбедувањето на техничка помош од Грција во процесот на пристапување, односно размена на искуство, експертиза и знаење во спроведувањето на европските политики за што двете земји имаат потпишано Меморандум за забрзување на евроинтегративниот процес на Македонија, како и за актуелните случувања на регионално и меѓународно ниво, особено во контекст на справувањето со ковид-19 пандемијата.