Фото: Игор Бансколиев

Со заканувачките вета поради веќе постојни билатерални спорови, стратегиската цел на земјите-кандидати за влез во Унијата навлезе во еден маглив и лизгав терен, станувајќи сѐ помалку веројатна и помалку оправдана како насока што може да му се понуди на населението. Дали процесот на европеизација ќе успее да креира усогласување на минатото и историскиот наратив доколку е „киднапиран“ од страна на националните интереси на членките на ЕУ?

Релевантни европски медиуми со аргументирани забелешки за спорот наметнат од Софија

Да се стави вето или не – ова е горливото прашање во однос на европското проширување. Самоодржливиот модел на ставање вето за соседите, откога тие како кандидати ќе сакаат да станат дел од европското „јато“, го направи клинички мртво проширувањето на ЕУ.
Со заканувачките вета поради веќе постојни билатерални спорови, стратегиската цел на земјите-кандидати за влез во Унијата навлезе во еден маглив и лизгав терен, станувајќи сѐ помалку веројатна и помалку оправдана како насока што може да му се понуди на населението. Имајќи ги предвид сите неочекувани пречки што демнат зад секој агол, целта е сѐ подалечна, па, така, дури и предводниците во трката ги губат ритамот и трпеливоста, велат авторите на колумната објавена во белгискиот „Браселс тајмс“.
Проширувањето на ЕУ е најранливо токму кога се работи за асиметријата на моќ што ја наметнува. Неодамна бевме сведоци на примената на ваквиот модел, кога Бугарија, како членка на Унијата, се реши да стави вето на почетокот на пристапните преговори за земјата-кандидат.

Ставот на Софија е дека Скопје не треба да има право да го нарекува својот јазик македонски, главно со образложение дека станува збор за дијалект на бугарскиот јазик и дека Македонија мора да се откаже од тврдењето за постоење на македонско малцинство во Бугарија.
Бугарската шлаканица доаѓа веднаш по надминувањето на децениското грчко вето засновано врз спорот за името на државата. Грчката блокада на македонскиот пат кон ЕУ резултира со комплетно менување на националната политика на Скопје, вклучувајќи и тргање споменици и преименување плоштади, автопатишта и аеродроми. И она најважното – за решавање на деценискиот спор со Грција, Владата прифати дури и промена на државното име, верификувана со Договорот од Преспа во 2018 година.
Пролетта годинава дури и францускиот претседател, пред да ја даде својата согласност за почеток на пристапни преговори за Албанија и за Македонија, го доби она што го бараше – нова, редизајнирана „архитектура“ за преговарачката методологија со земјите-кандидати.

Политиката на принуда кон државите со кандидатски статус има долга историја во процесите на пристапување во ЕУ. Италија ѝ правеше проблеми на Словенија поради познатиот масакр изведен од страна на југословенските партизани врз локалното италијанското население во регионите на Истра, Далмација и Риека за време и по Втората светска војна. Наострени за креирање политички спорови, Австрија, Германија и Централноисточна Европа ги „ископаа“ од минатото т.н. Укази на Бенеш, со кои се легитимираа одземањето на чехословачкото државјанство на граѓаните од германско и унгарско етничко потекло и експропријацијата на нивните имоти по 1945 година, користејќи ги за проблематизирање на чешкото приклучување кон ЕУ. Нивниот аргумент против Прага беше дека по поразот на нацистичка Германија, овие декрети резултирале со протерување на 2,5 милиони Судетски Германци од Чехословачка.
За време на пристапните преговори на Хрватска, Словенија го принуди Загреб на судска спогодба за меѓудржавната граница – која по политички наметнатата, но законски валидна арбитрарна постапка, сега опстојува како замрзнат спор, увезен во ЕУ од страна на овие две земји-членки. Потоа и самата Хрватска, откако стана рамноправна членка на Унијата, во 2016 година го направи истото тоа со Србија, ставајќи вето на нејзиното отворање на преговарачките поглавја – сето тоа поради прашања како надлежноста за воени злосторства и проблемот со исчезнати лица од хрватска националност.
Не помина подобро ни Босна и Херцеговина – нејзините национални интереси беа „минирани“ минатата година, кога Република Српска стави вето на претходната одлука на босанското претседателство во однос на решавањето на долгогодишниот спор со Хрватска за поморскиот пристап до пристаништето во Неум.

Се чини дека мотивот е да не се изложат на ризик добрите односи на Србија со Кина (која го гради мостот на Пељешац во Хрватска, за заобиколување на БиХ на трасата до Дубровник) – се разбира, на штета на круцијалните државни интереси на Сараево.
Историските прашања и старите несогласувања се покажаа како една од главните пречки во процесот на пристапување кон ЕУ. Ова стана кристално јасно со распадот на комунизмот во Европа (1989), кога државите од Централна и Источна Европа и оние на Балтикот ја „воскреснаа“ својата национална меморија и побараа признание и потврда за своето минато на едно транснационално, европско ниво. Нивното влегување во ЕУ поттикна своевиден процес што може да се нарече европеизација на меморијата – каде што европските институции и нивните претставници се обидуваат да ги решат историските прашања од минатото барајќи го најнискиот заеднички именител, сакајќи притоа да предизвикаат некаков вид помирување и смирување на тензиите. Сепак, ред е да се прашаме дали процесот на европеизација ќе успее да креира усогласување на минатото и историскиот наратив доколку е „киднапиран“ од страна на националните интереси на членките на ЕУ. Резултатите од некои неодамнешни студии јасно укажуваат дека европеизацијата на меморијата е суштински неизводлива и дава краткорочни ефекти што не се одржливи на подолг рок, затоа што европските национални држави не сакаат да се откажат од својот монопол во толкувањето на минатото.
Што се однесува до земјите од Западен Балкан – оние со најдолг стаж во редицата кон ЕУ – прашањата поврзани со помирување, добрососедски односи и решавање на билатералните спорови и понатаму остануваат длабоко политизирани и инструментализирани.

Толку нагласуваната посветеност на ЕУ во однос на Балканот во текот на последниве децении осетно мутираше – од ветувања за заедничка европска иднина, па до ригидна перспектива, базирана главно на членство што е можно само во корист на нејзиниот сопствен политички, безбедносен и економски интерес. А како што сега изгледаат работите, недостига токму заеднички интерес за примање нови членки во европскиот клуб.
Иако играта на моќ на одделни земји-членки во однос на нивните соседи што чекаат за влез во ЕУ одекнува многу сурово меѓу членките на Унијата, прашањата од национално значење и понатаму имаат предност пред севкупниот интерес и цели, одржувајќи го на тој начин клинички мртво долгонајавуваното проширување на ЕУ.
Дури и најдобро осмислениот дизајн на пристапни преговори не може да функционира сѐ додека тие се намерно оптоварени со нерешени билатерални прашања поради домашни причини. Принципот на условување нема слух за последиците од долготрајните билатерални спорови, а освен тоа, беспомошен е кога треба да се надминат асиметриите на моќта. Оттука, потенцијалните членки се присилени на тешки отстапки додека ја играат бескрајно долгата игра.

Сценариото со вето веројатно ќе се повтори и во иднина, кога новите членки ќе посакаат да го искористат истото „право“ на утврдување на сопствената моќ и на добивање отстапки од своите соседи што не се членки на ЕУ.
Унијата не треба да биде плодна подлога за поддршка на старите национални наративи на Западен Балкан, туку можност да се погледне напред и да се прифати иднина базирана врз заемна соработка, која ќе биде еднакво корисна за сите нас, заклучуваат авторите во „Браселс тајмс“. Р.Н.М.