Фото: Игор Бансколиев

До каде со беспоговорното слушање на инструкциите на европската администрација

Од осамостојувањето до денес, низ изјавите на европските политичари се провлекува една константа дека Македонија е во критичен период. И така со декади набојот и притисокот растат, кризите никако да завршат, а земјата наместо да напредува, стагнира или назадува. Но тоа може да значи и дека европските ментори и меѓународни претставници целиот период лошо нѐ советуваат, ни покажуваат погрешени патокази и погрешен излез од критичните ситуации. Или, пак, во прашање е нешто друго?

Македонската држава низ тридецениската историја на плурализмот секогаш доследно ги следи европските насоки и директиви за исполнување на стратегиската цел членство во европската заедница. Но во сиот тој период и целиот тој пат, следејќи ги упатствата и препораките на меѓународните партнери, секогаш се соочуваме со идентична реторика од нивна страна – дека периодот што следува за државата е критичен, одлучувачки, пресуден, решавачки. Такви критични периоди за Македонија има нонстоп, од независноста до денес.
Под еден таков висок набој и силен притисок, Македонија досега ги преброди распадот на поранешната СФРЈ и нашето осамостојувањето како држава, грчкото ембарго, повлекувањето на ЈНА, грчкото вето, промената на знамето, воениот конфликт од 2001-та, територијалната поделба, промената на името, уцените и ветото од Бугарија итн.

По сите овие процеси, под силно менторство и барања на меѓународната заедница и Европа, пак сме во критичен период, па дури и се уназадуваме наместо да напредуваме во приближувањето кон Унијата. Тоа може да значи и дека европските ментори и меѓународни претставници лошо нѐ советуваат, ни покажуваат погрешени патокази и погрешен излез од критичните ситуации. Зашто, доколку беше поинаку, досега ќе излезевме од зоната на критичност и ќе запловевме во некои помирни води.
Но токму деновиве еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеи од Тирана оцени дека јуни е критичен месец и во него имаме многу прашања на маса.

Во меѓувреме, дипломатите, политичките аналитичари и политиколозите велат дека ваквите пораки со стресни конотации, кои од меѓународните политичари пристигнуваат со декади редовно кон Македонија, имаат цел да се насочи земјата кон спроведување на неопходните политики. Но, за жал, дури и по нивното исполнување, реториката од странство никогаш не стивнува, а земјата истовремено и никогаш докрај не успева да си ја исполни својата поставена цел, па дури и назадува.

Македонскиот дипломат Драган Јањатов вели дека овие состојби во македонската политика, кои се секогаш критични, тензични, опасни и пресудни, не престануваат од независноста досега, и на внатрешен, но и надворешен план, поради таканаречениот систем на контролирана нестабилност што функционира во геополитиката.
– Имено, оваа констатација за контролирана нестабилност е правило по кое се одигруваат сите битни политички процеси меѓу големите сили на едната страна и малите балкански држави, меѓу кои е и Македонија, на другата страна – вели Јањатов.

Тој објаснува дека доколку некој навистина сакаше да ги реши сите дилеми со кои е запрено напредувањето на Македонија изминативе години во сите светски меѓународни организации, почнувајќи од ООН, па преку НАТО, сега и ЕУ, тоа ќе го стореше во краток рок.
– Очигледно некому му одговара ова статус кво, бидејќи Балканот константно се прекројува, редизајнира и решава. Големи прашања биле решени, но остануваат уште поголеми. Такви се иднината на Косово и сонот што не замира за некого за голема албанска држава. Па, оттука, Западот е внимателен и малку по малку ги турка интересите, без притоа да ја натера Русија да реагира. За жал, во целиот склоп на геополитички состојби, Македонија е помеѓу наковалните и од Западот и од Истокот, па затоа секогаш секоја одлука во политиката за нас е критична и пресудна – вели Јањатов.

Тој објаснува дека некои од состојбите на прединфарктна состојба во која живеат нашите граѓани може да ѝ се припишат и на неспособноста на македонските политички елити успешно да менаџираат во геополитиката. Но некои од нив, според Јањатов, за волја на вистината, и да ги имаме и најуспешните политичари во Македонија овие изминати декади, едноставно не може да се решат во наша корист, бидејќи сме незначително мала држава.
– Картите за нашата судбина во ЕУ, НАТО и во самата држава ги одигруваат големите сили и нивните моќни служби, па оттука многу малку можеме да сториме за да ја смириме состојбата да „живееме“ политички секогаш во критичното време – вели Јањатов.

Политикологот Милан Стефаноски, пак, терминологијата на странските и домашните пораки што се испраќаат кон нашите граѓани ја пронаоѓа во неинвентивноста на пиар-службите што ги пишуваат говорите на политичарите.
– Се добива впечаток дека кога кај нас една работа ќе „помине“ кај народот, тогаш низ истиот принцип и канал може да се протуркаат и сто други, кои во суштина немаат ништо заедничко во политичката заднина – вели Стефаноски.

Тој објаснува дека и домашните и странските административци што работат на реториката на политичарите воопшто не се трудат да измислат нови термини со кои би им се обратиле на граѓаните во Македонија, бидејќи најверојатно тие не ги доживуваат Македонците како граѓаните на големите земји САД, Русија, Франција и Германија.
– Ако се направи споредба во обраќањата на политичарите во САД и во Македонија по слични прашања, убеден сум дека истата фраза, но само различно кажана, нема да се повторува во говорите на Џо Бајден и неговите претходници, како што се повторува во зборовите на Зоран Заев и неговите претходници Никола Груевски и другите – вели Стефаноски.

Дополнително, како што подвлекува политикологот, самите случувања имаат и друг агол за анализирање, кој е интересен.
– Со оваа реторика нам ни се обраќаа кога го решававме проблемот со Грција, кога ја пребродувавме воената криза од 2001-та, па дури и кога се одделувавме од Југославија, а очигледно истата реторика сега е присутна и по прашањата со Бугарија, но и со нашето членство во ЕУ, кое по многу други основи дополнително ќе се дисецира, па дури и ако го решиме проблемот што го имаме со Софија – вели Стефаноски.

Политикологот резимира дека се надева оти идните генерации на Македонија, ако станеме членка во ЕУ, ќе ги избришат од постоење овие терминологии во нашата идна политика, кои очигледно доминираат сега, а доминираа и во минатото.


Нема период кога не било критично

Од независноста досега, нема период во кој Македонија не била исправена пред критичен политички, економски или безбедносен момент. Политичките аналитичари констатираат дека сите овие години ние сме во состојба на политички шок и во прединфарктна состојба во решавањето на домашните политички случувања, но и на надворешните наметнати прашања…

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека ако се анализираат буквално сите политички процеси во овие три декади откога постои независна Македонија, ќе се стигне до неминовниот заклучок дека во нашата политика немало период кога не било критично време или пресудно време за некое случување.

Според аналитичарот, овие состојби се должат на редица фактори што се од домашна и надворешна природа.
– Ние, Македонците, очигледно сме, популарно кажано, „кралеви на драмата“. Ние сме таков народ што секој политички процес или секоја политичка криза ја доживува емотивно на повисоко ниво од сите во соседството. Тоа најверојатно се должи на тешките кризи што сме ги минале, тешките кризи што ги решаваме и на тешките состојби и конфликти што допрва ни следуваат. Имаме историска тенденција битните случувања во политиката дополнително да ги доживуваме флагрантно, односно со повеќе хистерија и драма одошто е потребно или, пак, одошто некоја друга држава во Европа и во светот, која би ги доживеала поприземјено од нас – вели Арсовски.

Тој објаснува дека оваа терминологија што во изјавите често ја користат за земјата домашните и странски политичари и државници, од друга страна, не е без основа.
– Конкретно, во последниот случај, навистина е точно дека е критичен периодот пред јунските случувања за нашето членство во ЕУ, но исто така критични беа периодите и при промената на името, по завршетокот на воената криза во 2001-та, по независноста и грчкото вето во 1990-тите, по атентатот на претседателот Киро Глигоров и по редица други прашања. Сето тоа говори дека каде што има чад има и оган, кој, пак, за волја на балансот на случувањата и нашата емотивност како ги доживуваме сите настани дополнително разгорува – резимира Арсовски.