Дали можеби „откривањето“ на бункерите со оружје е фингирано и сторено со умисла од страна на милитантите на ОВК и на ОНА, како порака за јавноста дека тие сѐ уште постојат и функционираат? Или, пак, тоа е можеби завршниот удар на меѓународната заедница и државите во регионот да расчистат со сеништата на ОВК и на ОНА од минатото, во што и самите имале забележително учество?

Дилеми што треба набргу да се расчистат

Постои ли опасност за отворање локални безбедносни жаришта во период кога траат судењата во Меѓународниот суд во Хаг? Коинциденција или не, во период по апсење на клучните лидери на ОВК од Косово (поради извршени воени злосторства), како и повикување на високи политички фигури од Македонија и од Албанија во Хаг (засега во својство на сведоци), се открија низа арсенали на оружје скриени токму од паравојската на ОВК. Дали можеби „откривањето“ е фингирано и сторено со умисла од страна на милитантите на ОВК и на ОНА како силна порака до јавноста и властите дека тие сѐ уште постојат и функционираат или, пак, е тоа завршниот удар на меѓународната заедница и државите во регионот да расчистат со сеништата на ОВК и на ОНА од минатото, во што и самите имале забележително учество?

Откриени бункери полни со педантно одржувано воено-формациско оружје и униформи на ОВК

Имено, и во нашата земја, но и во нашето опкружување, се откриени бункери каде што биле чувани воено-формациско оружје и униформи на ОВК.
Хронолошки гледано, првиот случај беше регистриран минатата недела во кичевското село Србица, кога полицијата уапси две лица, син и татко, Х.И. (27) и А.И. (52), и заплени поголемо количество оружје.
– При претресите се пронајдени и одземени четири автоматски пушки калашников, две полуавтоматски пушки, две пушки, седум рамки за автоматска пушка со куршуми, 12 пиштолски рамки со куршуми, пушкомитралез со барабан за муниција, два митралеза, од кои едниот митралез марка М 53, а другиот противавионски ДСК 12,7 мм со сталка, цевка од тежок митралез, нож бајонет, седум пиштоли, револвер, над 3.500 куршуми, 11 рачни бомби со запалка, три рачни бомби без запалка, прибор за чистење оружје, футроли, маскирни ранци, маскирни елеци, униформи, двогледи и други предмети – информираа од полицијата.
Неколку дена подоцна, во близината на македонско-српско-косовската граница, пак, кај Прешево, српските полициски сили заплениле големи количества противтенковски мини, три сандаци за муниција, уреди за следење и повеќе автоматски пушки.
Според соопштението на тамошната полиција, оружјето било скриено во бункер под карпа и ѝ припаѓало на т.н. Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац.

Што велат безбедносните експерти за воскреснувањето на сеништата на ОВК и на ОНА

Безбедносните аналитичари со кои се консултиравме велат дека безбедносната слика во земјата и регионот засега е стабилна и нема битни и крупни елементи што може да доведат до нејзино нарушување. Тие подвлекуваат дека, сепак, безбедносните органи најверојатно многу внимателно ги следат случувањата на терен. Тие го издвојуваат фактот дека сега, под чадорот НАТО, сосема е различна сликата. Се разменуваат потребните безбедносни информации, се проценува и анализира потенцијалниот ризик на нарушување на безбедноста токму поради судењата на водството на ОВК во Меѓународниот суд во Хаг и будно се следи состојбата со откривањето на арсеналите за оружје, кои сепак ги има уште во регионов.
Генералот во пензија Митре Арсовски, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека состојбата во регионот е разбирливо тензична, бидејќи се навестува судска разврска за оние луѓе што кренаа оружје во рака против нашата земја и држава од соседството.
Според генералот, сега откриените бункери се само мал дел од несаканата слика за нелегално оружје што со декади е присутно во земјава.
– Ова нелегално оружје беше користено во 2001 година, но и пред конфликтот и по конфликтот. Со оружје од овој профил секогаш се тргува, бидејќи е многу вредно. Државните власти спроведоа неколку операции за негово собирање, но сето беше сторено во мал обем, бидејќи очигледно на терен тоа сѐ уште е присутно – вели Арсовски.
Генералот смета дека оние што раководат со државата треба да се на штрек од можна радикализација на состојбите, бидејќи настаните поврзани со ОВК и со ОНА не се наивни во Хаг – резимира тој.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, мисли дека во моменти кога нашата држава е составен дел од НАТО, ризиците за нејзината дестабилизација се драстично намалени.
– Сепак заплените на оружје од ваков профил секогаш се алармантни и службите од регионот се во тесна комуникација за превенирање на можната ескалација на безбедносната слика – вели Стефаноски.

[email protected]