Фото: Игор Бансколиев

Двојазичните амблеми како повод

Во средината на 90-тите години на 20 век кога мултикултурализмот го славеше својот триумф, Семјуел Хантингтон ја искажа својата „еретичка“ мисла дека мултикултурализмот ги занишува темелите на секоја нација, предупредувајќи дека доколку едно општество се лиши од своите суштински обележја, тоа е осудено на пропаст. За него културниот идентитет е најважниот фактор, а главен елемент на секоја култура е јазикот.

Националните држави беа изградени околу јазичниот идентитет

Имено, главно обележје на секоја нација е јазикот и не случајно сите национални преродби започнаа со промоција на народносниот јазик, следствено националните држави беа изградени околу јазичниот идентитет. Јазичниот „национализам“ им претходеше на националните држави, оттука норвешкиот национализам започна со создавање на литературниот норвешки јазик.

Основите на речиси сите држави во Европа се поставени врз јазични и други културни обележја. Погледнете ги Франција или Германија, кои исклучително љубоморно ги штитат своите јазици. Мултијазичноста и мултикултурализмот се реткост, а не правило во Европа и речиси секоја европска држава ги заштитува сопствените национални карактеристики, вклучувајќи го и јазикот. Не случајно германската канцеларка Ангела Меркел во излив на искрена аполитичност без калкулации и резерви кога се однесува за нејзиниот народ и држава го прогласи мултикултурализмот за мртов. Да го земеме примерот со Република Ирска. Секој вработен во јавната администрација или во некоја друга државна служба мора да го познава ирскиот јазик и неговото вработување зависи од тоа.

Македонија како биетничко или како мултиетничко општество?

Академик Ќулафкова, пак, отвора уште посуштинско прашање за мултиетничноста, односно мултијазичноста на македонското општество, каде што некој со Законот за јазиците, сака „формалноправно, со закон да промовира една етничка и јазична заедница, односно албанската, вклучувајќи ги нејзините симболи и нејзиниот јазик, наспроти другите јазични заедници со кои треба да се гради соживот?!“ Ќулавкова во својот писмен одговор за „Нова Македонија“ се повикува и на дописот пратен до Собранието против Законот за јазиците, на кој коавторки заедно со неа се и професорките Силјановска-Давкова и Маџоска-Груевска.
Истакнувајќи го фактот за мултиетничноста на македонското општество (а не мултиетничка држава), тие истакнуваат дека „политички и стратегиски е спорно да се донесе закон со кој на национално ниво се промовираат една (регионална) етничка и јазична заедница во РМ (албанската), нејзините симболи и нејзиниот јазик, наспроти другите јазични заедници со кои треба да се гради соживот“ и наспроти уставниот статус на македонскиот јазик како единствен државен или национален јазик во Македонија.

– Со тоа е направена неповратна штета по однос на историски легитимниот статус на македонскиот јазик да биде јазик на разбирање и интегративен чинител за целата нација и на територијата на целата држава, а е доведена во прашање и функционалноста на институциите на македонската држава, како и правата на етничките Македонци, кои се ревидирани и подредени на новопрокламираните права за употреба на албанскиот јазик како јазик на државно рамниште, задолжителен за сите институции и граѓани на Македонија – истакнува во својот допис академик Ќулафкова.
Во смисла на претходно кажаното, академик Ќулафкова истакнува дека „со овој Закон за јазиците е поместен и дестабилизиран идентитетскиот и институционалниот стожер на македонската држава“!

– Во историјата на човештвото се почитувало секогаш правилото на еден јазик за разбирање во медицината, војската, полицијата. Во Македонија сега владее закон што е веќе извор на голема конфузија, неправичност и неправедност спрема македонските национални интереси. Јазикот е еден од тие интереси. Ако во Македонија има два еднакво силни јазика, тоа ќе се преслика и во нејзините идентитетски карти во ОН и во странство. Јазичните права служат на граѓаните, а во Македонија јазичните права служат за наметнување политичка волја врз македонскиот народ и за редизајнирање на суверенитетот и интегритетот на македонската држава – вели академик Ќулафкова.

Македонскиот концепт различен од соседството со држави втемелени на етничкиот концепт

Во смисла на фактот дека главно обележје на секоја нација е јазикот и во тој контекст историски не случајно дека сите национални преродби започнале со промоција на народниот јазик. Следствено на тоа националните држави биле изградени на етнички принципи, со тежишна гравитациска точка – јазикот и јазичниот идентитет. Во тој контекст, од свој стручен агол, историчарот Тодор Чепреганов направи длабока дистинкција помеѓу концептот на национални држави, а од друга страна, граѓански држави со политичка нација.
– Во држави каде што има многувековно постоење на етничкиот принцип, многу тешко се спроведува концептот на политичка нација.

Прашањето што предизвикува скептицизам спрема овој проект е зошто се инсистира само на македонска политичка нација, во соседско опкружување од држави во кои е силен етничкиот концепт?! Сомнежот е дали целта на овој концепт е да се изгуби македонската етничка нација. Инаку, ние и сега имаме политичка нација, која се врзува со државјанството, но токму Албанците во Македонија не ја сакаа таквата нација. Навистина би било убаво ако Албанците го надминат својот етноцентризам и се приклонат кон политичката нација, но се сомневам дека постои реално расположение за такво нешто во овој момент. Проблемот е подлабок… – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Бенедикт Андерсон вели дека суштината на секоја национална кохезивна идеологија е нагласувањето на поврзаноста помеѓу определен јазик и определена територија. Како држава, уште од почетокот на осамостојувањето се соочивме со закани од шовинизми и идеи за големи држави. Нашата политичко-општествена елита не можејќи ефикасно да се спротивстави на таквите тенденции, по линија на помал отпор ги прифати истите тие, наметнати како вредности во форма на мултикултурализам и мултијазичност. Од независноста па до денес, нашата елита, лишена од длабока анализа, донесе голем број контроверзни одлуки со кои го подрива македонскиот национален карактер на државата и од Македонија создава расцепена земја и ја инфицира со културна шизофренија, која има амбиција да стане наша постојана и определувачка карактеристика.