Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Во исчекување на исходот од иницијативата за гласање недоверба на Владата на седницата на Собранието, која е закажана за утре (четврток), во 11 часот, нашиот весник ги разгледа и разработи можните сценарија како би се одвивале процесите понатаму

Каква разврска може да се очекува утре

Да се изгласа доверба на Владата со истиот премиер

Доколку на седницата за гласање недоверба на Владата, СДСМ успее да го задржи своето мнозинство, тогаш, според Уставот, но и според парламентарниот деловник, работите остануваат онакви какви што се во моментот. Тоа ќе значи дека Владата и натаму ќе биде предводена од премиерот Заев и таа ќе остане на својот мандат до наредните парламентарни избори, кои е предвидено да се одржат во 2024 година.

Нов мандатар од редовите на власта

Друго сценарио ја предвидува можноста доколку не биде изгласана недоверба во парламентот на Владата, но Заев не сака да е премиер, тогаш се избира следен премиер од редовите на владејачката партија. Според статутот на владејачката СДСМ, во рок од еден месец се организираат партиски избори за избор на ново раководство, кое ќе замени актуелното на Заев. Целиот овој период Заев е в.д. премиер и дури кога ќе има негов наследник партијата го информира Кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски, дека има нов мандатот за формирање нова влада. Ваков случај во македонската политика еднаш веќе беше регистриран, во 2004 година, кога Бранко Црвенковски замина од премиерската функција, а на неговото место дојде Хари Костов, кој истата година поднесе оставка и беше заменет со неговиот наследник Владо Бучковски.

Изгласување недоверба со ново мнозинство

Ако опозицијата успее да обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник, со кои в четврток би се изгласала недоверба на Владата, тоа ќе значи дека во законодавниот дом има ново парламентарно мнозинство.
Според Деловникот и Уставот, шефот на парламентот го информира Кабинетот на Пендаровски, кој потоа има рок од десет дена да му го додели мандатот на политичар од новото мнозинство што ќе го изберат од најмногубројната партија или нејзината коалиција, кои го иницирале гласањето на недовербата. Според Уставот, новиот мандатар ќе има рок од 20 дена по добивањето на мандатот на Собранието да му поднесе програма и предлог за составот на новата влада.
Новиот мандатар потоа има две опции, првата да состави влада што ќе функционира до 2024 година, односно до следните парламентарни избори, а втората да создаде услови за распишување предвремени парламентарни избори во Македонија.

Техничка влада до нови избори

Според законите и Деловникот на парламентот, ако биде изгласана недоверба на Владата, постои можност да се избере и нов мандатар, кој би оформил техничка влада во траење од 100 дена, до денот на одржување на предвремените парламентарни избори.