Според последното научно истражување во Америка, дури две третини од хоспитализираните биле лица со прекумерна тежина, лица со висок крвен притисок, дијабетичари и лица потенцијални дијабетичари. Оваа студија открива дека токму лицата што се со ваква здравствена состојба се потенцијални пациенти во болница, чие лекување има сериозна веројатност да заврши фатално. Уште на почетокот на пандемијата, македонските здравствени власти посочија неколку ризик-фактори при зараза со ковид-19, а тие, секако, се дијабетесот и дебелината кај одреден пациент

Научноистражувачка студија што предупредува

Пресудна ли е здравствената состојба на луѓето за тоа дали некој ќе заврши на болничко лекување од ковид-19? Кои се ризичните групи што најчесто завршуваат на болничко лекување и постои ли превентива за да се намали бројот на хоспитализации?
Овие прашања повторно стануваат актуелни откако речиси една година од пандемијата американските научници со сигурност детектираа четири клучни фактори како најризични при инфекција од ковид-19.
Имено, според последното научно истражување во Америка, дури две третини од хоспитализираните биле лица со прекумерна тежина, лица со висок крвен притисок, дијабетичари и лица потенцијални дијабетичари. Оваа студија открива дека токму лицата што се со ваква здравствена состојба се потенцијални пациенти во болница, чие лекување може да заврши фатално.

Во иднина да посветиме поголемо внимание за превенција од заразите!

Студијата истакнува дека, сепак, постои можност за превенција и намалување на бројката на хоспитализации ако лицата од овие четири категории му посветат посериозно внимание на своето здравје, бидејќи ова се болести што се резултат на исхрана и нередовна физичка активност.
Диетите, исхраната, физичката активност во студијата се посочуваат како важни за намалување на ризиците луѓето позитивни на ковид-19 да завршат во болнички кревет.
Во Македонија засега нема вакво или слично истражување, но искуствата покажуваат дека голем процент од хоспитализираните имале слични здравствени проблеми. Болниците имаат свои статистики, кои, според здравствените експерти, секако ќе бидат објавени.
Но уште на почетокот на пандемијата, македонските здравствени власти посочија неколку ризик-фактори при зараза со ковид-19, а тие, секако, се дијабетесот и дебелината кај одреден пациент.
Во таа насока, Министерството за здравство подготви препораки за лицата со дијабетес, според кои овие пациенти може да имаат тешки симптоми и компликации во текот на инфекцијата со ковид-19, но доколку дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација.
Од Универзитетската клиника за ендокринологија препорачаа лицата со дијабетес да имаат информации за контакт со нивниот лекар или медицинска сестра, како и навреме да обезбедат соодветни количества лекови и материјали за следење на дијабетесот дома, за да немаат потреба да го напуштаат домот доколку се разболат.
Кај лицата со дијабетес што се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“ препорачани за каква било стресна состојба за да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот.

Промени во исхраната и навика за вежбање за заштита од коронавирусот

Епидемиологот Никола Пановски вели дека секако оти тие групи на граѓани со одредени претходни болести имаат поголем ризик-фактор да заминат на болничко лекување, но посочува дека тоа и не е секогаш правило.
– Американските студии се релевантни, правени се врз поголема популација. Но кај нас има и случаи каде што луѓе без претходни болести завршиле во болница, па дури и починале – додава тој.
Сепак, американската студија на универзитетот „Тафтс“ сугерира дека до две третини од 906.849 хоспитализации поради ковид-19, или околу 575.000 од нив, им се припишуваат на четирите состојби и може да се спречат ако тие пациенти ги спречеле овие состојби.
Истражувачите апелираат докторите не само да ги советуваат своите ризични пациенти да примаат вакцини против ковид-19 туку да направат промени во нивната исхрана и навики за вежбање за да се заштитат од коронавирус.
Повеќе од 70 милиони Американци се дебели, а 68 милиони имаат висок крвен притисок. Повеќе од 34 милиони имаат дијабетес и 88 милиони се на прагот да станат дијабетичари.

Иако генетиката игра улога во овие услови, студијата покажува дека фитнесот и диетата се подобри предиктори за тоа кој ќе развие осакатувачко метаболичко заболување.
Дури и пред пандемијата, дебелината и воспалението што се појавија се сметаа за најголем фактор на ризик за хронични болести и рана смрт во САД, каде што диетите имаат тенденција да содржат многу маснотии и црвено месо.
Анализите велат дека десетици милиони Американци со дебелина, висок крвен притисок, дијабетес и срцеви заболувања беа предупредени да останат дома и подалеку од другите за да се заштитат од тешка инфекција и смрт.
– Ако ова навремено било преземено, товарот на американските болници и бројот на жртвите во САД – сега е далеку над половина милион – можеби ќе беа делумно спречени. До 18 ноември, 906.849 Американци биле хоспитализирани поради ковид-19 – велат податоците анализирани од истражувачите од „Тафтс“.
Според нив, 30 отсто се припишуваат на дебелина, уште 26 отсто на висок крвен притисок, 21 отсто на дијабетес и 12 отсто на срцеви заболувања.

 

[email protected]