Фото: Игор Бансколиев

Секоја година кај Карпалак ја кршат спомен-плочата и никој ниту е фатен, ниту, пак, одговарал за тоа. Слична е состојбата и со спомен-обележјата на другите загинати бранители за Македонија. Тоа што се добива како впечаток во јавноста е дека премолчено, но постојано се маргинализира чествувањето на ваквите настани со единствена цел да не им се наштети на интересите на политичките партии, чија коалиција обично зависи од албанскиот политички фактор, кој од 2001 година па наваму е исклучително застапен од партијата ДУИ, политички трансформирана од поранешната ОНА, која стоеше зад нападите врз државните безбедносни сили што ги бранеа граѓаните, територијата, Уставот и суверенитетот на својата татковина

Кој и зошто ги заборава македонските бранители

Деновиве се навршија годишнини на неколку трагични настани во историјата на самостојна Македонија, подмолното убиство на армиските резервисти кај Карпалак и сличниот напад кај Љуботенски бачила, настани во кои животите ги загубија 18 припадници на безбедносните сили и кои оставија длабока лузна врз македонското општество.
Додека се одржуваат редица свечености по повод одбележувањето на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, вклучувајќи и свечени академии, чија годишнина патем е задутре, одбележувањето на настаните кај Карпалак и Љуботенски бачила се случува „зад сцената“, без поголема помпа и присуство на политичари од државниот врв, туку со положување цвеќиња од страна на претставници на кабинети и пониски ешалони.
Спомен-обележјата и цвеќе во спомен за загинатите на овие локации се поставуваат непосредно пред самиот настан, а потоа редовно се уништуваат од лица што надлежните никогаш во изминатите осумнаесетина години не успеале да ги откријат. Затоа и не зачудува што наместо кај вистински споменици кај Карпалак и Љуботенски бачила, но и кај тетовско Вејце, настаните скромно се одбележуваат во некоја касарна или во кругот на МВР.

Тоа што се добива како впечаток во јавноста е дека намерно се маргинализираат ваквите настани со единствена цел да не им се наштети на интересите на политичките партии, чија коалиција обично зависи од албанскиот политички фактор, кој од 2001 година па наваму е исклучително застапен од ДУИ, политички рецидив на поранешната ОНА што стоеше зад нападите врз македонските безбедносни сили.
Токму тие партиски интереси и потребата да не се наруши коалицијата го наметнува прашањето до каде е подготвена да оди државата на штета на националните интереси, историјата и на штета на оние што ги дале животите за нејзиниот територијален интегритет.
Факт е дека со години во секој настан каде што има некаков етнички момент, македонските политичари од власта одат по линија на помал отпор, само да не се нарушат односите во коалицијата.

– Мизерно е она што се случува со одбележувањето на датумите на кои загинаа припадници на македонските безбедносни сили за време на воениот конфликт во 2001 година. Секоја година кај Карпалак ја кршат спомен-плочата и никој ниту е фатен, ниту, пак, одговарал за тоа. Од друга страна, тргнете накај Охрид и погледајте како се третирани спомениците на припадниците на ОНА. Таму не може да се случи нешто да се оштети, а нивните борци се третираат со највисок пиетет. А да не говориме дали се изградени со дозвола – вели Јордан Неделковски од Скопје.
Тој додава дека речиси 20 години по конфликтот време е домашните политичари да не се кријат на овие датуми.
– Нема ништо срамно, ниту страшно да се отиде на местото на настанот и да им се оддаде почит на загинатите. Тоа е нашето видување на историјата и тоа треба да се почитува. Ако почнеме да се откажуваме од историјата, за кратко време ќе се откажеме и од државата – истакнува Неделковски.
Некои од аналитичарите на политичките состојби во земјава сметаат дека потесните партиски интереси се поважни од историските настани.

– За жал, во Македонија потесните партиски интереси се поважни од некој историски настан. Има тука политикантско-калкулантски односи, дали политичарот да се појави на некој настан или не, и додека трае таа дилема настанот поминал и никому ништо. Ние сме постојано во некаква кампања, постојано се редат настани, сега било одбележувањето на Карпалак, на Љуботенски бачила, се чека формирањето на новата влада и од настан на настан работите брзо се забораваат – вели Живко Андревски, универзитетски професор.
Тој додава дека со текот на времето многу настани ќе отидат во заборав.
– Најпогодени од овие трагедии се семејствата што загубиле некој свој член. Државата внатрешно потајно се договорила да не им се придава големо значење на овие настани и затоа полека од година на година тоа ќе се заборава – појаснува Андревски.
Според професорката Мирјана Најчевска, политичарите имаат причина поради која не се појавуваат на одбележувањето на ваквите настани.

– Тоа што политичарите не се појавуваат на тие настани е бидејќи одбиваат да се соочат со вистината, но и да дадат поддршка на една сеопфатна истрага за тоа што точно се случувало таму – вели Најчевска.
Таа додава дека сите овие години наназад не се нашол заинтересиран човек на ниво на научните институции, невладиниот сектор, ниту, пак, кај државниот естаблишмент, да ги утврди тие настани.
– Она што треба да се направи за да се соочиме со минатото е да ги истражиме тие настани и да видиме што навистина се случило за да можеме на поинаков начин да гледаме на овие трагични настани – нагласува Најчевска.