Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се најавува ли можност претстојните избори за градоначалник во Штип, кои треба да се одржат меѓу крајот на ноември и почетокот на декември, да бидат пробен балон за долгонајавуваната промена на изборниот модел? Оваа дилема е сѐ позасилена периодов кога во јавноста повторно се отвора дебата и размислувања за промена на постоечкиот изборен систем.

Изборите за штипски градоначалник ќе го скршат мразот?

Сѐ започна кога неодамна министерот за правда, Бојан Маричиќ, најави можност претстојните локални избори да се одвиваат со отворени листи, што би претставувало „пробен балон“ за идните парламентарни избори, ваквата идеја ја прифатија опозиционерите, a лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го надгради предлогот и побара локалните избори да се одржат во еден круг, за да се заштедат буџетски средства во и онака тешката економска состојба.
Во меѓувреме, потребата за промена на Изборниот законик во насока на воведување на можноста за отворени изборни листи, како и размислувањето за наредната фаза за менување на моделот од шест изборни единици во една, е нешто што веќе подолго време постои како иницијатива во македонскиот политички амбиент.

Засега времето најголем непријател на промените

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски потврдува дека политичките партии во земјава на големо заговараат промена на изборниот систем, обидувајќи се на тој начин, најверојатно, да го поедностават изборниот процес за градоначалник во Штип, кој треба да се случи во светлина на пандемијата, но и да најават можни новитети за следната година, кога практично и треба да се спроведе следниот циклус локални избори.
– Иако овие пораки од партиите се интересни и добредојдени, јас сепак сметам дека тие нема да се спроведат на дело до крајот на ноември или почетокот на декември годинава, кога практично и треба да се одржат изборите во Штип. Тоа го тврдам поради фактот што времето е најголем непријател на промените, односно нема многу временски простор за да се спроведат најавените работи, поради блокадата на парламентот од ковид-пандемијата. Дополнително, иако има сега некоја политичка волја за овој чин, исто така нема да има и доволна соработка во парламентот, имајќи ги на ум пречките со кои сега се справува законодавното тело – вели Арсовски.
Според него, ако навистина се оствари овој чин, локалниот циклус наредната година ќе стане побрз и поедноставен.

Коренити, а не козметички изборно-процедурални промени

Политикологот Синиша Пекевски вели дека прв пробен балон за овие прoмени, за кои говорат политичките партии, би можело да биде трката за градоначалничкото место во Штип.
– Токму на ова место најголемите партии во Македонија можат да се обидат да ни докажат на сите дека навистина се залагаат за коренити изборно-процедурални промени. Но морам да подвлечам дека чинам дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ само декларативно се залагаат за ова. Оваа моја аргументација ја градам врз основа на личното искуство и перцепција. За промена на изборниот систем се говори десет години, а ништо во практика не е сторено, особено не од големите партии – вели Пекевски.
Тој, сепак, мисли дека одредени „козметички“ чекори се изводливи во пресрет на локалните избори, во делот на гласањето во еден изборен круг.
– Тоа е така бидејќи во првиот круг може веднаш да се оцени каде лежи наклонетоста на гласачите во одредена локална самоуправа, па оттука нема потреба сето тоа да се повторува во втор, трет круг и така натаму. Токму затоа мислам дека можеби само оваа практика може да се спроведе во наредните локални избори, а за сите други темелни реформи за Изборниот законик, воопшто не сум оптимист и мислам дека уште долго нема да ги видиме – резимира тој.

Шанса за помалите партии

Во своја колумна на темава публицистот Зоран Иванов забележува сугестија од „упатените во изборната проблематика“, со која се согласува, каде што се предлага и промена на методот за пресметка на пратеничките места според освоените гласови.
– Поради неможноста да се постигне политичка согласност за една изборна единица без изборен праг, шансата на малите партии, нешто како меѓупериод, евентуално може да се бара и во промената на методот на пресметка на пратеничките места според освоените гласови. При пресметката на изборните резултати да се претпочита Сентлагеовиот систем. Тој, за разлика од сегашниот Донтов метод, ги фаворизира малите партии, па и ги мотивира и граѓаните помасовно да учествуваат во изборниот процес – пишува Иванов.
Универзитетскиот професор Горан Илиќ во своја последна изјава за медиумите на оваа тема истакна дека во согласност со постојниот изборен модел, кој ја користи Донтовата формула, нема иднина за малите политички партии. И според професорот Илиќ, малите политички партии се принудени да стануваат сателити или да претставуваат минорен дел од коалициите што се формираат.
– Доколку дојде до промена на начинот на пресметување на мандатите за во Собранието на Македонија, може да дојде и до ревитализација на малите партии во државата, кои се исто така релевантни чинители на политичкиот живот во државата, особено со принципот на проверка и урамнотежување (check and balance) за политиките на големите партии – вели Илиќ. 


Хронологија и изборни модели

Изборниот модел во Македонија е регулиран според Изборниот законик. Земјата досега повеќепати го менуваше својот изборен систем, а граѓаните 20 пати гласаа на повеќепартиски парламентарни претседателски и локални избори. Во почетокот на 1990-тите имаше мнозински изборен модел, во 1998 беше воведен мешан, а од 2002 година до денес се применува пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици. Мнозинскиот модел се применува за избор на претседател и градоначалници, а пропорционалниот за избор на пратеници и советници во општините.