Фото: Маја Јаневска-Илиева

Што значи најавата дека патријархот Вартоломеј треба да се консултира со новиот српски патријарх? Дали Српската православна црква повторно е во игра за дијалог со МПЦ? Сите овие дилеми во црковната јавност се наметнаа, откако претседателот Стево Пендаровски откри детали од средбата со вселенскиот патријарх, меѓу другото и дека новиот момент во процесот е скорешниот избор на нов поглавар на СПЦ, поради што Вселенската патријаршија ќе треба сега да се консултира и со него. Дали ова е враќање на процесот чекор назад и дали ова значи дека постапката ќе се пролонгира дополнително?

Ја враќа ли Вселенската патријаршија во игра СПЦ за автокефалноста на МПЦ?

Има ли промени во процесот за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија што се води пред Вселенската патријаршија? Што значи најавата дека патријархот Вартоломеј треба да се консултира со новиот српски патријарх? Дали Српската православна црква повторно е во игра за дијалог со МПЦ?
Сите овие дилеми во црковната јавност се наметнаа, откако претседателот Стево Пендаровски откри детали од средбата со вселенскиот патријарх, меѓу другото и дека новиот момент во процесот е скорешниот избор на нов поглавар на СПЦ, поради што Вселенската патријаршија ќе треба сега да се консултира и со него.
Дали ова е враќање на процесот чекор назад и дали ова значи дека постапката ќе се пролонгира дополнително?
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека изјавата на претседателот Пендаровски ја доживува како потврда дека Вселенската патријаршија во случај на барањето на МПЦ постапува целосно во согласност со предвидените процедури.
– Фактот дека вселенскиот патријарх ја спомна потребата да биде направена консултација и со новиот српски патријарх не треба да се доживее како некакво „враќање“ на предметот во рацете на црковен Белград. Ќе потсетам само дека вселенскиот патријарх на средбата, која во јануари минатата година ја имал со премиерот Заев и министерот Оливер Спасовски, соопштил дека планира да покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор. Но за ова прво немаше одговор од СПЦ, а потоа смртта на српскиот патријарх Иринеј го тргна на страна.

Поради тоа, сосема е нормално Вселенската патријаршија да упати покана до новиот српски патријарх за една таква средба, за да се слушне и нивното мислење – посочува Ѓорѓевски.
Според него, претходно делегацијата на ВП беше во Белград за да разговара околу нашиот случај, по што не излегоа многу детали во јавност.
– Доколку имаше нешто охрабрувачко за СПЦ, сигурно ќе имаше детали -посочува тој.
Оттаму, Ѓорѓевски смета дека најавата на средбата со Пендаровски е почитување на една процедура.
– Јас се сомневам дека СПЦ ќе прифати да дојде на една таква средба со оглед на познатиот став дека тие не сакаат посредници во македонско-српскиот црковен спор. По тоа, на потег ќе биде Вселенската патријаршија – заклучува аналитичарот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски пред два дена изјави дека не може да каже што разговарал со вселенскиот патријарх Вартоломеј, но оти за деталите од разговорот, го информирал врвот на МПЦ-ОА.
– Можам да кажам дека станува збор за процедура во која ќе се почитуваат црковните правила, дека Вселенската патријаршија е неоспорно органот, кој дава томос за независност. Дали и кога ќе се случи тоа зависи од нив. Има еден нов момент што ми го објасни вселенскиот патријарх. Сега СПЦ, од каде што доаѓа спорот со МПЦ-ОА, од каде што ние треба да се оттргнеме за да добиеме автокефалност, има нов патријарх и во дијалогот треба и со него да се направат консултации. Понатаму, ќе ме разберете, не можам да коментирам – рече Пендаровски.
Тој нагласи дека со Бугарската православна црква нема проблем, туку со СПЦ.
– Но она што го знам од врвот на МПЦ-ОА е дека откога е побарана помош, па до денес БПЦ нема мрднато со прст да ни помогне – потенцира Пендаровски.
Македонскиот претседател на средба во Вселенската патријаршија беше месецов, а по средбата, потенцираше дека вселенскиот патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор.

Минатата година имаше дипломатска иницијатива на македонскиот државен врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх. Прво претседателот Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.

[email protected]