Фото: Игор Бансколиев

Колку македонските граѓани посветуваат време на пазарување, во кои периоди и како купуваат, дали има и свест за потрошувачко општество и како влијае економската моќ на луѓето на сето тоа? Сите овие дилеми се наметнуваат пред празничните периоди од годината кога се засилува потребата од пазарување, која практично започнува и со Блек фрајдеј

ШОПИНГМАНИЈАТА БЛЕК ФРАЈДЕЈ КАКО ПОВОД

Шопингманијата наречена Блек фрајдеј (црн петок) низ светот доаѓа од САД, а во последниве неколку години е многу актуелна и во Македонија. Кај нас црниот петок станува традиција од пред неколку години, поточно со отворањето на големите трговски центри во Скопје.
Со попусти настапуваат сите модни марки и продавници, а тие се движат од 20 до 50 или дури 70 отсто, во зависност од актуелноста на производите и „староста“ на колекциите. Ретко ќе налетате на овој ден на големи попусти на моделите од актуелните колекции, но може да се случи да најдете супер модно парче по супер цена.
Колку македонските граѓани посветуваат време на пазарување, во кои периоди и како купуваат, дали има и свест за потрошувачко општество и како влијае економската моќ на луѓето? Сите овие дилеми постојано се наметнуваат пред празничните периоди од годината кога се засилува потребата од пазарување. Најчесто тоа се денови во кои трговците промовираат кампањи за попусти, а луѓето и во услови на рецесија и слаба куповна моќ трошат пари. Колку попустите се реални, колку се само маркетинг за привлекување купувачи?
Самиот ден како празник нема некое посебно државно или верско значење, туку е „измислен“ за да оди во прилог на економијата, односно да расте прометот преку купување евтини производи, како и подароци, што е доста слично и со сите празници што се комерцијализирани и придонесуваат за вртење милијарди долари.

Досега неколкупати во македонските трговски синџири имало вакви акции на Блек фрајдеј и се покажало дека купувачите се подготвени за шопинг-лудилото, Но дали е потребен развој и на таков вид економска култура на брендовите за големи и масовни акции во еден специјален ден?
Тодор Стојчевски, експерт за комуникации, вели дека системот во кој живееме се базира на понуда и побарувачка.
– Во ситуација кога понудата е повисока од побарувачката на пазарот, компаниите се „принудени“ да реализираат креативни начини за промоција на тој пазар, за да привлечат што е можно поголем број купувачи за својот производ. Во конкретниот случај, кампањите за Блек фрајдеј се само уште еден начин продавачите да им го понудат тоа што го имаат на купувачите. За купувачите, овие денови се рај за шопингување, додека за продавачите можност да се покажат како „играчи со вешт пиар и маркетинг“. На овој начин, сите добиваат и ја остваруваат својата замислена цел, едните да продадат по посакувани цени, другите да купат по пониски цени – објаснува Стојчевски.
Маријана Лончар-Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), посочува дека ваквите денови се составен дел на потрошувачкото општество, но кај нас доаѓа подоцна.
– Во пандемиска криза не можеме да кажеме дека функционираат ваквите промоции, зашто нема толку масовни купувања како порано. Ние како организација обично на тој ден ги предупредуваме потрошувачите да не наседнуваат на маркетиншките трикови, односно да водат грижа за вистинските потреби во ситуација на економска и пандемиска криза. Би апелирала до потрошувачите да го направиме овој ден грин фрајдеј. Што ни е потребно и што ни треба, тоа да го купиме – посочува Лончар-Велкова.

Според неа, за да ги избегнат ризиците, потрошувачите треба да ја проверат функционалноста на производот, да не наседнуваат на нелегалните продажби, особено на оние на социјалните мрежи.
– За такви случаи добиваме поплаки, а ние не можеме да преземеме ништо зашто зад тие профили на социјалните мрежи не стојат фирми или компании, туку индивидуалци – додава таа.
Во време на пандемија, таа смета дека и при купувањето треба да се запазат сите мерки за заштита од ширење на вирусот.
Екрем Долек, претседател на Комората на трговци, вели дека Блек фрајдеј е скриена игра, вешт маркетинг, со манипулирање на цените.
– Веќе на сите ни е јасно дека многу често пред Блек фрајдеј се прави покачување на реалната цена, а потоа се прави „симнување“ на цената, односно се добива реалната цена. Во суштина, на овој ден нема попуст, не е во стилот на западните земји, каде што попустите функционираат реално. Кога би биле попустите реални, би им се дала можност на луѓето да се снабдат со производи по реални цени. Но во Македонија нема ништо реално во тоа – објаснува тој.
Според него, најлошо е што сето ова се случува пред институциите на системот, а ваквите состојби треба да бидат тема на дискусија во пошироки кругови.
Според социологот Јане Трпковски, во контекст на синдромот на потрошувачкиот менталитет и неговата фреквентност во вонредни услови, прво на пандемија, а потоа и на рецесија, јасно е дека глобалните трендови се рефлектираат на рутините во локален контекст.

– Влезете во еден трговски центар, шопинг-мол или хипермаркет и тука најприближно ќе го видите просекот од жителите на градот. Изгледот, стандардот и можностите, потребите и конечно изборот да се исполни слободното време. Дополнително, денес начинот на купување е поедноставен и преку онлајн нарачките. Сето ова оди во прилог на тезата дека стратегискиот маркетинг како никогаш досега е развиен и приспособен на потребите на пазарната логика, преку успешна примена на современите пристапи, кои се фокусираат на профилирањето на различни цели, од аспект на потребите – значи тука влегува цел еден спектар од различни понуди за исти производи и услуги, а кои се приспособени на различните полови и возрасни структури, на различните профили на занимање, на различните образовни профили. На пример, влезете во книжарница, има наслови од различни жанрови, исто така има и можности за наплата преку различни стимулативни методи, како клуб-картички и сл., истото тоа е и за изборот на обувки – имате водоотпорни, па со воздушен ѓон, па во сите нијанси, за различни комбинации со дрес – тука веќе мотивот да се изберат повеќе различни модели ги стимулира потрошувачите да одвојат значаен дел од буџетот во домаќинството за сезонски заменливи производи. Истиот пример се однесува и на парчиња мебел, козметика и додатоци за кој било аспект – естетика, алати, опрема. И таквиот модел на однесување е индивидуална одлука и не сметам дека е предмет на дискусија – објаснува тој.
Сепак, тој смета дека повеќе би требало да се посвети внимание, преку различни проекти и програми, да се промени свеста на граѓаните од пристапот „што сакам“ кон „што навистина ми е потребно“.

– На тој начин, би можеле мудро да ги инвестираат средствата во услови на рецесија, бидејќи навистина и во т.н. нормална социоекономска кондиција, некогаш е вистинска уметност, на пример, четиричлено семејство успешно да го врзе месецот, со покривање на сите трошоци за тековните потреби, а без дополнително преоптоварување на буџетот по која било основа – заклучува тој.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека задоволството од шопинг-терапијата кај луѓето е моментално.
– Рекламите што ги прават производителите влијаат врз емоционалниот дел на човекот. Тоа им остава впечаток на луѓето дека ќе добијат нешто надвор од цената, дека ќе заштедат нешто, дека ќе набават стока што е многу евтина. Тоа ќе ги прави да се чувствуваат добро. Но тоа е моментално. Тие немаат увид во тоа дека ќе купат многу работи што не им се потребни, а наедно не ја знаат ни редовната цена на производите што ќе ги купат. На крајот ќе потрошат повеќе одошто планирале. Продавачите имаат цел зошто го прават тоа. Основа е секогаш заработувачката – посочува психологот.


Како настанал Блек фрајдеј?

Блек фрајдеј не е службен празник во САД, но многу работодавци на своите вработени им даваат слободен ден за да можат без пречка да купуваат.
Блек фрајдеј доаѓа оттаму што поради огромниот метеж на улиците (од над 220 милиони луѓе што одат на шопинг), полицајците во САД, како и таксистите, тешко се снаоѓаат во сообраќајот тој ден. Всушност, во 1960-тите години, за време на Блек фрајдеј, полициските службеници се жалеле на тотален колапс на сообраќајот предизвикан од овој ден на големи попусти, кој започнува првиот ден по Денот на благодарноста – еден од најважните американски празници.
Во САД особено владее голема шопинг-треска, бидејќи со Блек фрајдеј официјално започнува празничната сезона. Најчесто во трговските центри од големите синџири доаѓа до масовни турканици за да се купат производи што се на попуст и до 90 отсто.
За време на овој ден често се случува стампедо пред продавниците, кое предизвикува и фатални исходи. Познат е случајот за смртта на 34-годишниот продавач во САД, кога над него паднале влезните врати, кои попуштиле пред навалата на масата купувачи.
Во прилог на американската манија за шопинг за време на Блек фрајдеј зборува и тоа дека многу луѓе кампуваат по неколку дена пред продавниците за да бидат први во редот.