Американскиот претседател Џо Бајден донесе извршна наредба за блокада на имотот и спречување на влезот во САД за одредени лица што придонесуваат за дестабилизација на состојбата на Западен Балкан. Ова е втора ригорозна мерка што Вашингтон ја презема за краток временски период и се однесува на регионот по воведувањето санкции против тројца бугарски државјани и 64 компании со кои тие управуваат. Во очите на повеќето европски и светски политичари токму Бугарија со својата деструктивна политика кон Македонија во изминатиот период беше оценета како дестабилизирачки фактор во регионот

САД во офанзива со „казнено-воспитни мерки“ кон Балканот

Американскиот претседател Џо Бајден донесе извршна наредба за блокада на имотот и спречување на влезот во САД за одредени лица што придонесуваат за дестабилизација на состојбата на Западен Балкан. Ваквиот потег на американскиот претседател доаѓа во пресрет на јунскиот самит на Европската Унија и сѐ погласните блокади и уцени на Бугарија во однос на евроинтеграциите на Македонија. Токму ваквата бугарска политика изминатиот период наиде на остри осуди и реакции од високи европски и американски политичари. Бугарија сега е исправена пред сериозен предизвик, во пресрет на јунскиот самит на Европската Унија, дали да ја продолжи политиката на блокади во однос на македонските евроинтеграции или, пак, да дозволи почеток на преговорите и да се извлече од ќор-сокакот во кој самата се најде испорачувајќи целосно несфатливи барања како услов за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.
Од друга страна, во очите на повеќето европски и светски политичари токму Бугарија со својата деструктивна политика кон Македонија беше оценета како дестабилизирачки фактор во регионот, а со комплетирањето на новата американска администрација ваква порака сега доаѓа и од Вашингтон.
Токму САД во релативно краток рок презедоа конкретни чекори и испратија сериозни предупредувачки пораки до официјална Софија.

Најпрво следуваше воведувањето санкции против тројца бугарски државјани и 64 компании со кои тие управуваат, обвинувајќи ги за длабока вмешаност во корупција во оваа земја. Овие луѓе беа блиски до поранешната владејачка структура во Бугарија, која отворено се противеше на почетокот на пристапните преговори со Македонија и тврдеше дека нема да потклекне под никаков притисок, вклучувајќи да доаѓа и од САД.
Ваквата бугарска политика беше во целосна спротивност со американската стратегиска политика во регионот, така што не може да се исклучи дека ова беше првата порака од Американците.
Втората и уште посилна порака доаѓа од американскиот претседател Џо Бајден, кој донесе извршна наредба за блокада на имотот и спречување на влезот во САД за одредени лица што придонесуваат за дестабилизација на состојбата на Западен Балкан.
Оваа одлука, секако, се однесува на лица од сите земји во регионот чии дејства се во спротивност со американските политики во овој дел од светот.
Тоа, секако, засега и голем број бугарски политичари, кои ризикуваат со отвореното спротивставување на американските политики на Балканот да се најдат на американската црна листа и со тоа трајно да ја запечатат сопствената политичка кариера.
Несомнено, секој што се нашол на таа црна листа никогаш не успеал да биде избришан од неа, а доказ за тоа е лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој со години се наоѓа на американската црна листа.
По последните потези на Вашингтон, се чини како да омекна и реториката од официјална Софија, но дали и колку бугарските власти ја сфатиле американската порака ќе покаже јунскиот самит на ЕУ.

– Нема лабаво со тие од кои зависиш за безбедност, за пари и кои имаат и онака етаблирана своја функција во региони, а Балканот очигледно е американски регион низ договорите што ги направија со Македонија и другите земји. Ние очигледно ја имаме таа заштита, тој интерес на САД за Балканот не е поништен, бидејќи Америка може да го напушти Авганистан, но нема да го напушти Балканот – вели дипломатот од кариера и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.
Тој додава дека Американците имаат многу добри информации за состојбите во Бугарија не само сега туку со години.
– Стравот дека некој би можел да се најде на таа црна листа влијае какви одлуки ќе се носат. Каракачанов се спаси да не биде на таа црна листа само затоа што беше министер за одбрана и што влијаеше на одлуката да се купат одреден број американски авиони. Сега му е дадено до знаење дека е под надзор и затоа ќе биде мирен, без многу турбулентни настапи – нагласува Арсовски.
Според него, ставањето некоја личност на црната листа е еден добар знак дека САД внимателно ја следат состојбата во земјата.
– Ако САД на одредена група луѓе им даде црвен картон и ги стави на црна листа, тоа значи дека партиите, банките и други кругови што се врзани околу тие луѓе, полека ќе ја губат моќта. Сите тие кога ќе бидат ставени на американската црна листа предизвикуваат внимание и во земјите од шенген-зоната, кои не им забрануваат влез, но внимателно се следи нивното движење – појаснува Арсовски.
Првиот македонски амбасадор во Грција уште додава дека заканата некој да биде ставен на црна листа затоа што работи против американските интереси на Балканот не е воопшто едноставна работа и претставува испраќање порака.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, ова е само почеток на американскиот ангажман на Балканот во насока на заштита на проектите зад кои застанале Американците, како и санкционирање на поткопувачите на овие проекти.

– Јасно е кој правец ќе го поддржуваат и кој ќе биде на удар. Тоа покажува дека се исцртува нов засилен ангажман на САД овде. Нивна геостратегиска определба е да го зацврстат овој регион кон НАТО и ЕУ. Особено што поголемиот дел од екипата во Стејт департментот многу добро го познава регионот, неговите проблеми, предизвици и потреба од интеграција и стабилизација, но и цената ако не се случи тоа – вели Арсовски.


Што претставува американската црна листа

Црната листа на САД претставува список со блокирани лица, односно лица чиј имот е блокиран, а неа ја уредува Федералната канцеларија за контрола на странски средства.
На неа обично се наоѓаат лица и фирми на кои им е забрането да влегуваат во САД и им се замрзнуваат сите сметки и целиот имот што го имаат таму. Американските бирократи не ја викаат црна листа, туку го користат називот „специјално определени личности“.
Според администрацијата на САД, лицата или фирмите што се ставаат на оваа листа се „закана за мирот и стабилноста, односно учествуваат или на различни начини го поддржуваат екстремното насилство“.