На половина од изборната кампања двете најголеми коалиции ги заоструваат реториката и меѓусебните обвинувања. Навредите, црната кампања, обвинувањата за криминал и корупција, аудиоснимки на едната и на другата страна, се секојдневие што добива сѐ поголем замав како што се приближува денот на гласањето, закажано за 15 јули годинава.
Зоран Заев, лидерот на СДСМ, на трибината во саботата во Крива Паланка порача дека пред неколку дена ЕУ ја отворила преговарачката рамка, а зошто токму на десетина дена пред изборите, затоа што тоа нуди прогресивна политика, а „тоа треба да им биде јасно на квазипатриотите Мицкоски, Јанушев и преостанатите“.

– Тоа е прв официјален чекор дека македонскиот јазик ќе биде службен јазик во ЕУ, дека целото европско законодавство ќе се преведе на македонски јазик, а нашиот јазик ќе биде достапен во европските библиотеки и ќе се изучува и во Рим, и во Виена, и во Берлин. Во септември-октомври, пак, кога ќе ги отвориме поглавјата, како што ќе се затвораат кластерите, етапно ќе се отвораат фондовите, кои ќе ни бидат достапни како на сите земји-членки на ЕУ. Сето тоа за нашите и ваши деца, за младите, за идните генерации, зашто сите нѐ боли што се надвор, во туѓина – рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботата навечер од скопска Кисела Вода ги повика граѓаните на 15 јули да стават крај на корупцијата и криминалот, на понижувањето на Македонија.

– Пред околу 30 месеци го почнавме овој маратон и сѐ правевме внимателно, меревме, премерувавме. Така дојдовме до избори, а на 15 јули одиме на победа. Безусловната ваша поддршка нѐ мотивираше да истраеме, и затоа ние по 30 месеци зборуваме и за победа. За само две и пол години успеавме да симнеме ненародна власт. Ова е влада е без ниту една политика, без понуда за македонскиот народ, донесоа само порази за Македонија – рече Мицкоски.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети посочи дека ќе продолжат со унапредување на Албанците, овој пат преку идејата за прв премиер Албанец.

– Оваа земја имала нобеловци Албанци како што се Мајка Тереза и Ферди Мурати. Со нив нашата земја се гордее како што ќе се гордее и со премиерот Албанец, бидејќи тој ќе работи во интерес на сите што живеат во оваа држава – рече Ахмети.
Зијадин Села, претседателот на Алијанса на Албанците, изминатиот викенд упати одговор кон Заев и Мицкоски за идејата за размена на пратеници за да не бидат условувани од Албанците да формираат влада, во кој посочува дека ако создадат влада само со македонски претставници, тие ќе создадат албанска влада.