Фото: Дарко Андоновски

И покрај тоа што Синодот на МПЦ-ОА пред десетина дена излезе со официјален и единствен став за референдумот, двајца високи црковни достоинственици, Агатангел и Пимен, одлучија јавно да ги изразат своите лични ставови. Изразувањето на нивната гледна точка е легитимно, но пораките на двајцата владици беа причина за голем број коментари на социјалните мрежи

Владиците Агатангел и Пимен се единствените членови на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кои излегоа јавно со сопствени ставови за претстојниот референдум планиран за 30 септември годинава. И покрај тоа што Синодот на МПЦ-ОА пред десетина дена излезе со официјален и единствен став во кој остави на политичката зрелост на граѓаните, слободно и по сопствено уверување да го остварат своето демократско прво на избор, владиците Агатангел и Пимен одлучија јавно да ги изразат своите лични ставови. А нивните меѓусебни ставови се дијаметрално спротивни.
Владиката Агатангел се определи да го бојкотира референдумот, а притоа одржа и литургија на која ги повика верниците да се помолат за зачувување на името, идентитетот и на јазикот на државата.
Владиката Пимен, пак, е дел од јавната кампања на Собранието на Република Македонија, за која сними видеоспот, каде што најави дека ќе гласа за спогодбата од Преспа затоа што, според него, на тој начин се обезбедува европската иднина за Македонија.

Пораките на двајцата владици беа причина за голем број навредувачки коментари на социјалните мрежи. Имаше и такви што ги поддржуваа, но најголем дел беа негативни и навредувачки коментари од спротивните табори.
Дел од јавноста смета и дека верските претставници не треба да заземаат страна и да прават дополнителна поделба меѓу граѓаните.

Агатангел: Бојкот за спас на идентитетот

Митрополитот повардарски испрати благослов до граѓаните, во кој на неколку страници објаснува зошто треба да се бојкотира претстојниот референдум.
– Најголемата нечестивост на претстојниот наместен и лажен референдум се состои во тоа што преку манипулации со гласовите на албанското малцинство ќе се менува името на Р Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Па, зарем не е претерано и дрско немакедонци да одлучуваат за идентитетски прашања на Македонците? Преку Преспанскиот договор не се решава само за името на државата, туку и за идентитетски прашања, кои и тоа како го засегаат македонскиот народ – вели владиката.

Според него, единствениот спас за македонскиот народ, кој буквално е доведен до амбисот на пропаста, се крие во неговото единство и во неговото родољубие.
– Сведоци сме дека со децении се работи на разбивање на македонското национално единство, притоа правејќи атмосфера дека патриотизмот и родољубието се нешто застарено, напуштено и речиси погрешно. Но, напротив, родољубието е сосема нормална и здрава емотивна состојба. Не е грев да се љубат своето семејство и својот дом и да се покажува грижа за својата непосредна заедница. Патриотизмот не се ограничува само на одредена група луѓе или народ – додава владиката.
Според владиката, лага е дека ќе бидеме изолирани, отфрлени и напуштени. Вели дека напредокот и просперитетот никој нема да ни ги даде ако ние самите не се избориме за нив.

– На Европа не ѝ требаме обезличени и со срушено човечко достоинство. Потребно е да градиме вредности, кои ќе го унапредуваат нашиот секојдневен живот. Европа нема да ни даде на подарок уредена држава. Тоа е наша обврска и одговорност. Менувањето на името на државата е туѓ интерес, а никако наша потреба. Тие се доволно силни и на сила да нѐ преименуваат – вели г. Агатангел.

Порачува бојкотот на претстојниот лажен и погубен референдум да биде почеток на една поинаква и просперитетна Република Македонија, која ќе биде поставена и втемелена врз принципите на законот што произлегува од моралот и од слободата.
– Нека засветли силно сонцето на правдата и нека изгрее од нашите срца светлината на меѓусебната почит и разбирање – заклучува во својот проглас владиката Агатангел.

Пимен: Обединување за европска иднина

Пораката на европскиот митрополит преку видеоспот се врти на сите национални телевизии во земјата, како и на социјалните мрежи. Во неа тој објаснува зошто граѓаните треба да излезат да гласаат за референдумот, зашто на тој начин се обезбедува европската иднина за државата.

– Ова е историски момент за Македонија кога одлучуваме за иднината на нашата земја. Потребно е секој секому да подаде рака, да ги надминеме сите оние разлики и кавги меѓу нас, кои се појавуваат и да се обединиме во идејата за европска иднина на нашата земја. Ова е историска шанса, која не смееме да ја пропуштиме. Затоа на 30 септември ќе излезам и ќе го дадам својот глас за -посочува владиката Пимен во видеото.