Четири години имаме чесно партнерство … иако дојдовме од различни политички семејства, рече денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас, коментирајќи ја соработката на неговата партија со независните Грци (АНЕЛ) и нејзиниот водач Панос Каменос, по денешната одлука на Каменос за повлекувањето на неговата партија од коалициската влада.

– Ја прифатив оставката на министерот за одбрана – изјави Ципрас пред новинарите, истакнувајќи дека соработката на нивните партии успеа да ја води Грција од програмите за меморандуми, истовремено поддржувајќи ги сиромашните слоеви на општеството и отворајќи пат за борба против корупцијата.

Тој му се заблагодари на Каменос за неговиот “незаменлив” придонес во ова време.

Ципрас објави дека веќе контактирал со претседателот на грчкиот парламент и побарал од него да започне постапка за гласање доверба на владата, за да може да го заврши својот мандат што му истекува во октомври 2019 година.

Според извори на кои се повикува грчката агенција Ана-мпа, процесот околу гласањето доверба на грчката влада би започнал во вторник, а би финиширал во четврток, кога ќе биде јасно дали Ципрас го има мнозинството за опстанок на неговата влада и за ратификација на Спогодбата од Преспа.

Токму донесувањето на уставните измени во македонскиот парламент, беше главна причина Каменос да ја напушти коалиционата влада, бидејќи уште претходно изјавуваше дека за него спогодбата од Преспа е неприфатлива.