Грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој е вешт тактичар, се надева дека ќе обезбеди мнозинство, на ист начин како и при гласањето доверба за Владата, кога некои пратеници ја сменија страната, се вели, меѓу другото, во анализите пред најавеното гласање за ратификацијата на спогодбата од Преспа, со која треба да му се стави крај на две и полдеценискиот спор околу уставното име на Македонија

Откако во средата владата на премиерот Алексис Ципрас доби доверба од мнозинството пратеници во грчкиот парламент, сега на ред е ратификацијата на спогодбата од Преспа, така што уште неколку дена ќе биде присутна дилемата дали Ципрас повторно ќе го обезбеди потребното мнозинство и какво мнозинство всушност е потребно. Од шестемина пратеници што завчера гласаа за доверба на Владата, извесно е дека за спогодбата, доколку не се случи некое изненадување, ќе гласаат четворица меѓу кои заменик-министерката за цивилна заштита Катерина Папакоста, министерката за туризам Елена Кундура, пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, како и поранешниот член на Река, а сега независен пратеник, Спирос Данелис. Со тоа бројката достигнува до 149 пратеници. Останува енигма каква ќе биде позицијата на партијата Река, но и тоа дали ратификацијата, законски, може да мине и со помалку од 151 глас.
Инаку, како што наведува „Катимерини“, на Ципрас не му е потребно апсолутно мнозинство, но целта на грчката влада е спогодбата од Преспа да биде изгласана со што е можно поголем број гласови. Весникот се повикува на Уставот на Грција, но ја наведува и изјавата на претседателот на парламентот Никос Вуцис, кој објаснил дека се потребни 151 глас од пратениците за доброто на земјата и да се покаже дека такво мнозинство постои. Во спротивно, како што дообјаснил, би се поставувало прашањето за ограничена одговорност во однос на толкувањето на договорот.

– Договорот треба да биде изгласан од 151 пратеник за да има силна моќ, како во внатрешноста на земјата, така и во меѓународните организации – рече Вуцис.
Паралелно на ова, движењето Река на завчерашниот состанок на политичкиот совет одлучи дека останува во опозиција, но не ја менува одлуката донесена на Конгресот дека „проблемот за името треба да се реши и Грција треба да биде протагонист во отворањето на европскиот пат за соседната земја“.

Лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис, на последната расправа во грчкиот парламент рече дека „глас за доверба на Владата значи во секој случај позитивен глас за Преспа, додека напротив, позитивен глас за Преспа, не значи глас за доверба на Владата“. Таквата изјава во Грција се толкуваше дека Река, веројатно, нема да го смени ставот. Доколку лидерот на партијата и уште двајца негови сопартијци останат на првичната позиција и го поддржат договорот, тогаш Владата ќе има 153 гласа за поддршка на договорот.
Со своја анализа за претстојната ратификација на договорот излезе и британски „Економист“.

– Добрите вести од Балканот се реткост. Дури и кога премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, се согласија да му стават крај на 27-годишниот спор, во јуни минатата година, малкумина познавачи на состојбата можеа да се обложат оти парламентите во Атина и во Скопје ќе го ратификуваат Преспанскиот договор – пишува „Економист“.
Магазинот наведува дека по ратификацијата во Скопје сега на ред е Ципрас да ги исполни обврските.

– Неговата партија СИРИЗА планира да го претстави Преспанскиот договор пред парламентот месецов. А грчкиот премиер, кој е вешт тактичар, се надева дека ќе обезбеди мнозинство за Преспанскиот договор, на ист начин како и при гласањето доверба за Владата, кога некои пратеници ја сменија страната. СИРИЗА може да смета на поддршката на двајца пратеници од партијата Река за да осигури втора победа, според владини извори. Другите партии се против спогодбата, исто како и 60 отсто од Грците, според последните анкети. Но тоа не го вознемирува Ципрас, чиј углед меѓу европските политичари се подобрува. Тоа може да се забележи и според пофалбите од германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината неодамнешна посета на Атина – се вели во анализата на „Економист“.