Коалициските партнери во грчката Влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос веројатно в петок ќе одржат средба за иднината на нивната соработка, на која, како што се приближува моментот кога Договорот од Преспа ќе стигне на грчки терен, се чини дека и се гледа крајот, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако се споменуваше дека средбата ќе се одржи во текот на вчерашниот ден, пред состаноците на партиските органи на Независни Грци закажани за денеска, според медиумите во Грција, посетата на Меркел на Атина ги одложи разговорите на Ципрас и Каменос за 48 часа.

Во текот на вчерашниот ден грчките телевизии Open и Стар најавија дека денеска во централните изданија на вестите гости ќе им бидат Алексис Ципрас, односно Панос Каменос. Интервјуто на грчкиот премиер за ТВ Open беше закажано за 19 часот, а на лидерот на Независни Грци за ТВ Стар за еден час подоцна. Грчките медиуми коментираа дека двајцата коалициски партнери, наместо на средба пораки ќе си упатат преку медиумите.

Според грчките медиуми, доцна синоќа Ципрас и Каменос разговарале по телефон, при што грчкиот премиер од неговиот коалициски партнер побарал да го одложи интервјуто за ТВ Стар за петок вечер, за претходно да одржат средба.

Лидерот на Независни Грци, вечерва нема да гостува во ТВ Стар, додека пак не постојат информации дека интервјуто на Ципрас за ТВ Open е одложено, што значи дека вечерва грчкиот премиер би можел да ги отвори картите за неговите следни чекори.

Иако се споменуваше дека можеби денеска Каменос ќе го соопшти повлекувањето од Владата, сепак како што објавуваат медиумите во Грција, на денешните состаноци на парламентарната група и на Извршниот комитет на Независни Грци, тој со неговите министри и пратеници ќе разговара за следните потези што планира да ги направи како лидер на партијата во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент.