Со денешното интервју за „Ефимерида тон синдактон“, премиерот на ПЈРМ Зоран Заев, ги разби сите аргументи на господинот Мицотакис против Договорот од Преспа, коментираат од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението наведуваат и делови од интервјуто на македонскиот премиер поврзани со државјанството, јазикот, дека припаѓа во словенската група јазици и ставот дека „го признавме посебното културно наследство, посебната античка грчка историја во регионот“.

Од кабинетот на грчкиот премиер се прашуваат, по сето ова, „каков нов извртен аргумент ќе измислат“ од опозициската Нова демократија за да ја поддржат позицијата на пратениците Адонис Георгиадис и Андонис Самарас.

-Сега кога самиот Зоран Заев целосно ги урива псевдо-толкувањата на екстремно десничарската група на Нова демократија за националност, јазик и отстапување, што ќе прави господинот Мицотакис? Зад кој нов смешен аргумент ќе се скрие за да ги задоволи неговите екстремно десничарски водачи?, прашуваат во соопштението, од кабинетот на Алексис Ципрас.