Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска пристигнува во официјална посета на Македонија.

Според најавата, се очекува Ципрас да пристигне изутринава на меѓународниот аеродром „Скопје“ во присуство на повеќечлена делегација како и двајца министри од владата на грчкиот премиер. Покрај средбата со премиерот Зоран Заев, која треба да се случи претпладнето, Ципрас ќе оствари средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери, но не и со претседателот на државата Ѓорге Иванов ниту пак со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Од кабинетот на Иванов за РСЕ само кратко одговориле дека „досега во кабинетот на претседателот на Република Македонија нема пристигнато барање за таква средба“. Ист одговор добивме и од најголемата опозициска партија за евентуалната можност за средба меѓу Мицковски и Ципрас. Дополнително според протоколот, на крајот на посетата е предвидено премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да го отворат бизнис-форумот.

Во меѓувреме бриселскиот портал „Њу Јуроп“ во своја анализа пишува дека Ципрас доаѓа во Скопје за да го спаси Преспанскиот договор. Според интернет-магазинот, иако Ципрас преку посетата се надева дека ќе ги зајакне своите лични ингеренции како можност за да влијае врз регионална стабилност, сепак, главното прашање што повеќето граѓани во двете држави го поставуваат е кога тој ќе ги закаже грчките парламентарни избори, кои треба да се одржат до октомври. Иако сè уште има многу работа за подобрување на билатералните односи, во анализата се наведува дека изборната динамика во двете држави, како и постојаниот низок рејтинг на Ципрас во анкетите, ќе опфати и голем дел од она што ќе се случува на посетата на Ципрас.

– Како домаќин на Ципрас во Скопје, Заев мора да најде начин за да го подобри неговиот имиџ кај повеќето грчки граѓани, кои сè уште во голема мера ги презираат неговите чести јавни коментари за „македонската националност и јазик“, за кои многумина Грци жестоко го обвинуваат Ципрас. Несомнено, за ова Ципрас ќе плати висока цена на претстојните избори и ќе биде главна тема во сите дискусии за неговиот пристап кон прашањето за името, се наведува во анализата на „Њу Јуроп“.