Од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ – Центарот за слобода се констатира дека политичката злоупотреба на децата продолжува со несмалено темпо. Децата се во првите редови на митинзите и се употребуваат во видеоснимки, пропагандни спотови и фотографии што се објавуваат на социјалните мрежи и во медиумите, како да не постојат јасни домашни и меѓународни одредби, кои таквата злоупотреба ја забрануваат.

ЦИВИЛ најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците во политички и изборни цели и уште еднаш ги повикува институциите веднаш да реагираат и да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на кој било начин.

Според членот 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

ЦИВИЛ уште еднаш ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Голем број деца немаат пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и достоинствени услови за живот. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно политичките случувања.