Фото: Игор Бансколиев

Практиката за прогласување ненадлежност на сите служби во ситуации кога брзо, ефикасно, координирано и по однапред утврдена процедура треба да се реагира е несоборлив доказ дека само централизираното раководење и командување при кризни ситуации се системски приод за успешен кризен менаџмент

Повторно потфрлање при постапување во кризни ситуации

Државата нема функционален систем за брзо и ефикасно справување во инцидентни ситуации поради што често се доцни со спасувачките акции, а често и самите граѓани преземаат лични иницијативи да помагаат иако не се остручени за давање помош, што може дополнително да ја искомпликува состојбата на повредените.
Најдобар доказ за тоа беше автобуската несреќа кај Ласкарци пред две години, кога поради доцнење на спасувачките екипи локалното население во најдобра намера самото почна да ги извлекува повредените, без да има предвид дека може да предизвика дополнителни здравствени компликации.
Уште една потврда за слабоста на системот за спасување е последниот случај кога овчар со доживеан мозочен удар пет километри бил носен на носилки низ планина бидејќи не можело да се обезбеди теренско возило, а некоординираноста меѓу институциите, кои една по една се прогласуваа за ненадлежни, предизвика загуба на еден човечки живот.

Имено, старата практика за прогласување ненадлежност на сите служби е само доказ дека системот не функционира, односно дека без централизирана команда при кризни ситуации едноставно никој не се наоѓа повикан да постапува.
– Проблемот е што Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување вршат слични надлежности. Ние како институција се занимаваме со кризи од поголем обем, не за судбината на еден или двајца луѓе. Јас претпоставувам дека на крајот од истрагата нема да има индивидуална одговорност бидејќи се работи за системска слабост – признава Стојанче Ангелов, прв човек на ЦУК.
Тој најави дека во следните шест месеци треба да се активира и единствениот број 112 за итни повици, со што ќе се овозможи поголема координираност при спасувачките акции.
– Ние како ЦУК веќе неколку месеци интензивно работиме на воспоставување и имплементација на повикувачкиот европски број 112. Се работи за број на кој секој граѓанин ќе добие каква било помош. На овој број ќе може да се пријавуваат физички напади, сообраќајни несреќи, пожари и слично и со тоа брзо ќе се поврзат граѓаните со институцијата, која ќе им помогне и е надлежна за тоа, а координирано и во содејство со другите институции и служби – рече Ангелов.
И првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, вели дека е потребно подобро да функционира синџирот на информирање, а не информациите да се дознаваат од социјалните мрежи.

– ДЗС не беше воопшто запознаена или информирана од кого било за настанот. Јас лично како директор видов на социјалните мрежи дека има таков пост и веднаш реагирав да проверам зошто не е реагирано. Секако дека синџирот на информирање треба да биде како што треба, а не да се водиме од претпоставки дека нема средства, капацитети, спречување поради ситуацијата со ковид-19 и слично. Сите институции, вклучувајќи ја и локалната самоуправа, се должни да реагираат и кога немаат капацитети истите тие да ги бараат и официјално и неофицијално – нагласува Максути.
Од Владата, пак, најавија дека по завршувањето на пандемијата ќе се активира и служба за хеликоптерска помош во инцидентни ситуации.
– По завршувањето на пандемијата на ковид-19, Владата повторно ќе распише јавен оглас за воспоставување хеликоптерски итен медицински систем, зашто првичниот договор поради долгото траење на пандемијата не беше возможно да се спроведе и беше раскинат – изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Познавачите на состојбите сметаат дека актуелниот систем е целосно нефункционален бидејќи носењето одлуки треба да помине низ повеќе тела, со што се губи драгоцено време, кое понекогаш се плаќа и со човечки животи.
– Најголема грешка се направи што своевремено се укина републичкиот штаб за цивилна заштита. Сите единици, сите штабови, до најмалите месни заедници, сите беа подредени на тој републички штаб. Тој беше надлежен за територијата на целата земја и во секој момент имаше на располагање луѓе, камиони, теренски возила, чамци и слично да помогне во секаква ситуација во кој било дел на земјата – вели генералот во пензија Митре Арсовски.

Според него, откако бил укинат штабот за цивилна заштита, се воспоставиле Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, институции што за да донесат некаква одлука претходно треба да добијат одобренија од други служби поради што се губи драгоцено време.
– Републичкиот штаб беше над сè и немаше потреба никого да моли кога требаше да се постапува. Ги имаше сите ресурси на располагање. Во сегашното функционирање има многу шупливи работи. Дирекцијата за заштита и спасување мора да има еден хеликоптер за спасување и никого да не моли кога треба некој да се спаси. Сега се молат една со друга институција кога треба да се постапи и тоа не личи на ништо – истакнува Арсовски.
Тој додава дека линијата на раководење е предолга и затоа мора некој некого да моли.
– ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување не можат да ѝ наредат на армијата да даде хеликоптер. Тоа може да го направи претседателот на државата, односно врховниот командант. Тие треба да му се обраќаат на претседателот. Многу работи се тука измешани – истакна генералот Арсовски.
Негово мислење е дека само со централизирана команда може да се постигне ефикасно справување со секаква ситуација.