Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржа средба со новата вонредна и ополномоштена амбасадорка на Германија, Анке Гизеле Холштајн, која во оваа пригода ги предаде копиите на акредитивните писма.

– Покрај интензивната билатерална соработка во изминативе три години, која посветено се стремиме да ја продлабочуваме и во иднина, со нетрпение го очекуваме и заедничкиот успех – првата меѓувладина конференција да биде организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Благодарни сме за досегашниот германски придонес во градењето консензус и донесување позитивна одлука за започнување преговори за членство во Европската Унија, во март ова година – рекол Димитров на средбата, соопшти МНР.

Тој оценил дека во изминатиов период се бележи исклучително динамичен билатерален политички дијалог и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Амбасадорката Холштајн ја повторила поддршката на Германија за реализација на нашите стратешки приоритети, подвлекувајќи дека иако германското претседавање со Советот на ЕУ е исправено пред најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот, ќе се заложи максимално да ја засили европската перспектива на нашиот регион, а со тоа и да обезбеди стабилност и развој на Западниот Балкан.

Соговорниците се осврнале и на актуелните епидемиолошки состојби и здравствените предизвици со кои се соочува нашиот регион и пошироко, при што министерот Димитров упатил благодарност до Германија за нејзината досегашна помош за борба со пандемијата во нашата земја. На средбата станало збор и за подготовките за одржување демократски и фер предвремени парламентарни избори во Македонија.