Целосната либерализација на канабисот како повод

Откако премиерот Зоран Заев на неодамнешната прес-конференција ги презентира своите ставови во врска со легализацијата на марихуаната и можноста тоа да биде импулс за унапредување на услужните дејности, во јавноста повторно се појавија дискусиите за ова прашање, па дури и се засилија.
– Верувам дека во иднина ќе се создаде амбиент. Лично поддржувам и легализација поради тоа што преку таа мерка ќе можеме да ги унапредиме услужните дејности што многу малку учествуваат во нашиот БДП – рече Заев. Според премиерот, резултатите од сондажите во јавноста за декриминализацијата за одредена употреба на канабисот покажуваат позитивен одглас кај граѓаните.

– Ќе се зголемат угостителството и туризмот во државата. Сите постојни и нови објекти во согласност со лиценците што ќе ги добијат ќе можат да услужуваат марихуана и канабис, кој може да помогне за развојот на услужната дејност во државата – вели Заев.
И други политичари и политички партии изнеле став во јавноста на оваа тема, за граѓаните да имаат прегледност за сите политички, економски, здравствени, па и социјални аспекти на ова прашање. За потсетување, на оваа тема минатата година Јулијана Николова од ЛДП најави дека нејзината пратеничка група ќе подготви и достави во собраниска процедура предлог-закон за легализацијата на марихуаната.
– Крајно време е во општеството да не замижуваме пред појавите што постојат, туку да ги ставиме во законска рамка. Треба да бидеме проактивни кон сите проблеми и недостатоци во општеството. Работиме долго време на легализацијата на марихуаната, постојано зборуваме активно на таа тема. Изјава не може да нѐ забрза или да нѐ оддалечи од нашата намера што поскоро да го подготвиме тој закон и да го ставиме во собраниска процедура – изјави тогаш Николова.

Економска димензија

Македонија ја легализира марихуаната за медицинска употреба во 2016 година и досега има 23 лиценцирани фирми за производство на канабис, а две од нив се лиценцирани и за производство на масло. Уште дваесетина фирми чекаат лиценца за да почнат со работа.
Костадин Дуковски, претседател на здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“, во своја изјава за медиумите вели дека ги чекаат измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, со кој ќе се овозможи извоз на цветот.
– Со дозволувањето на цветот, ние може побрзо да дојдеме до стандардите. Ако зборуваме за маслото, тоа е многу поизискувачко и со стандарди и со имплементација на фармацевтски валидирани процеси, таму мора да се спроведат и испитувања, значи не е толку едноставно за разлика од преработките на цветот. Како краен производ, цветот е многу поедноставен и можеме побрзо да дојдеме до извоз – вели Дуковски.
Тој вели дека на една фирма ѝ требаат околу три години за да ги достигне стандардите за производство и извоз на масло од канабис, додека стандардите за цвет може да се постигнат за една година.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека тие ја анализираат состојбата и во моментов немаат одговор од управниот одбор на актуелните настани поврзани со најавите за употребата на марихуаната во угостителството и во туризмот.
Од друга страна, здружението за декриминализација на канабисот „Билка“, пак, информира дека во Македонија треба да продолжи трендот на либерализација на пристапот кон овој бизнис, дека не треба да се развива ексклузива, туку да се бара олеснување на условите за да може да се развива и на микрониво, токму онака како што теоретски се проектира, за да има референции и во други услужни стопански сектори.

Медицинската димензија содржи и про и контра канабисот

Во македонската, како и во светската јавност, употребата на марихуаната честопати е анализирана од медицинска гледна точка и какви ефекти, негативни но и позитивни, предизвикува врз човековото здравје.
Доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија вели дека кога се говори за марихуаната и за ефектите што таа има врз човековото здравје размислувањата се поделени.
– Марихуаната има позитивни ефекти кај болни со некои типови епилепсија, предизвикува подобрување на апетитот кај тешко болни со малигни болести, врши ублажување на симптомите на невролошкото заболување, мултиплекс склероза. Меѓутоа, истовремено таа има и штетно дејство врз организмот. На пример, кај срцето предизвикува несакана забрзана работа (тахикардија) и пад на крвниот притисок, а оваа состојба некогаш може да го загрози и животот. Таа дејствува и врз мозокот, со што се ослабнува вниманието на човекот, се ослабнува меморијата и се предизвикуваат тешкотии во носењето на одлуките. Може да предизвика анксиозност и депресија, но може да иницира и појава на шизофренија – резимира доктор Чибишев.
Во овој контекст за издвојување е и овомесечното соопштение на Светската здравствена организација (СЗО), која истакна дека медицинската марихуана не би требало да се смета за дрога и дека не предизвикува зависност и злоупотреба.
Имено, по неколкумесечно истражување, СЗО заклучило дека канабидиолот има релаксирачкото својство и е корисен во третирањето на епилепсијата и во палијативната нега (олеснување на болките кај тешко болни лица) и дека оваа супстанција во себе не носи никакви дополнителни ризици.
– Клиничките студии покажаа дека дури и високи дози канабидиол не предизвикуваат ефекти карактеристични за ТХЦ и за канабисот богат со ТХЦ. Утврдено е дека канабидиолот има ниска токсичност, но сѐ уште не се истражени сите потенцијални ефекти – стои во извештајот на СЗО.
Организацијата објави дека постојат и прелиминарни докази дека канабидиолот може да помогне во третирањето на Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, како и на ракот.

Наркозависниците и марихуаната

Влатко Деков од организацијата „Хопс“, која е позната по помошта и третманот на лицата што имаат проблем со наркозависности, вели дека Македонија нема своја програма што се однесува на третман за лица што употребуваат марихуана, бидејќи првенствено марихуаната многу ретко и во исклучителни ситуации создава зависност на оние што ја консумираат.
Деков подвлекува дека, сепак, тоа не значи дека некој што консумирал или консумира марихуана нема да стане зависен.
– Искрено, ако нашата држава нема третман за помош на овие лица, не значи дека ако се воведе, тој нема да биде искористен од луѓето што имаат проблем на оваа тема. Ние како организација сме имале примери каде што лица што се зависности на психотропни супстанции нѐ информирале дека повремено користат и други супстанции, како и канабис за своја потреба. На пример, корисниците на хероин многу често може да посведочат дека освен оваа супстанција, тие користат и легални супстанции на кои се зависни, како дијазепам, метадон и други супстанции, меѓу кои и канабисот – вели Деков.
Тој вели дека состојбата со дрогите во земјата најдобро може да се види ако се анализира последната студија на Центарот за јавно здравје на оваа тема од 2017 година.
– Во овој документ има информации што истакнуваат дека нашите граѓани на возраст меѓу 15 и 64 години изјавиле дека барем еднаш во животот пробале канабис – вели Деков.
Тој подвлекува дека оттука може да се види дека во Македонија се користи канабис, па токму затоа во минатото и сега одредени политичари се обидуваат да го решат овој проблем преку своевидна законска рамка, која од лани се наоѓа во собраниска процедура.

[email protected]