Денеска и утре во Бигорски и во „Света Софија“ во Охрид

По четврт век како монах и игумен на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, за отец Партениј, новоизбран епископ, наречението и хиротнијата ќе се одржат денеска и утре во Бигорскиот манастир и во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид. Инаку, архијереите на Свештениот синод на МПЦ-ОА, на 20 мај годинава, едногласно изгласаа одлука отец Партениј да го прими благословот на највозвишениот и свет апостолски архијерејски чин. Одлуката ќе биде потврдена на 12 јули, на Петровден, во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, кога ќе се одржи Света божествена литургија и хиротонија на наречениот епископ антаниски г. Партениј.
В сабота, со почеток во 18 часот, во Бигорскиот манастир ќе се одржат Наречение на новоизбраниот епископ антаниски г. Партениј и вечерна богослужба. На двата црковни настани ќе присуствуваат сите архијереи на МПЦ-ОА, црковновеликодостојници од соседните држави, гости од општествено-политичкиот и културниот живот на Македонија, верници и други гости.

Инаку, Зоран Фидановски е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Уште во детството е задоен со силна љубов кон бога. Духовниот пат го започнува во средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Драчево, Скопје, потоа дипломира на Православниот богословски факултет во Скопје. По духовен и монашки опти заминува на Света Гора, во манастирот „Григоријат“, каде што останува извесно време.
Надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, митрополит г. Тимотеј, го замонашува тогаш 24-годишниот Зоран Фидановски и му го дава монашкото име Партениј. Монашењето се одржа во Бигорскиот манастир, на 5 август 1995 година, а следниот ден е ракоположен за јероѓакон. По четири дена го добива монашкиот чин јеромонах во охридскиот храм на Пресвета Богородица Перивлепта. По една година од замонашувањето, на 7 јули 1996, на Рождеството на Свети Јован Крстител е ракоположен за игумен на Бигорскиот манастир. Отец Партениј во 1998 година е одликуван со граден крст – архимандритско достоен.

Монашкото братство на Бигорскиот манастир предводено од игуменот Партениј, за четврт век од возобновувањето, изврши целосна преродба на духовното живеење во Долна Река и Мијачијата, а големи успеси бележат и во изградбата на нови црковни објекти и на монашката економија. Во првите години со макотрпна работа успеаја да ги санираат запуштените, рунирани монашки ќелии, оштетениот покрив на Горни палат, на манастирските конаци, гостинските одаи, трпезаријата, кујната, манастирските чардаци и да создадат пристојни услови за живеење.

Значајно е што ги обновија традициите и обичаите во прославувањето на големите црковни празници и на заштитниците и патроните на црквите на селските населби во регионот на Река. За овој период, е изграден манастир во дебарското село Рајчица и е обновено сестринството, реконструирани се и изградени цркви во Долна Река и Мијачијата. Изградена е „Куќа на Мијаците“ – етноресторан што ги афирмира традициите, обичаите и готварството на Мијачијата. Над селото Битуше се гради скит посветен на светите браќа Кирил и Методиј, а пред влезот на Бигорскиот манастир во завршна фаза се наоѓа изградбата на манастирскиот конак за гости, проширување на паркинг-плацот и проширување и асфалтирање на приодниот пат од регионалниот пат Маврови Анови – Дебар до Бигорски манастир.