Фото: Игор Бансколиев

Огнената стихија што деновиве беснее низ цела Македонија изнедри и искали голем број македонски знајни и незнајни јунаци, кои храбро и пожртвувано се впуштија во битката со огнот. За еден таков херој, кој бос и со голи раце го гасеше пожарот во Дељадровци, посведочи и екипата на нашиот весник

Скопје под пеколна опсада од над 40 степени. Уште еден врел августовски ден во низата. Како што се исправа сонцето на небото, воздухот станува сѐ погуст и потежок.
Пожарите што веќе неколку дена беснеат низ целата држава се подготвуваат за нов уште посилен напад. Веќе е 16 часот. Уште еден пожар во низата лоциран во близината на „Окта“. Гори скопско Дељадровци. А ветерот тивок и топол само ги шири огнените јазици. Веќе стигна до потегот на кумановските села Агино Село – Брзак, се доближува и до рафинеријата „Окта“, од селото Текије.
За 15 минути е направена огромна штета и пеплосан е теренот наоколу.

Екипа на „Нова Македонија“ е на терен заедно со локалното население и пожарникарните екипи, секој што се нашол по патот сведочи за уште една пожарна приказна.
Локалното население пожртвувано, без заштита, без опрема, со сета сила учествува во гасењето на пожарот. Заедно со пожарникарите на терен неколку часа го гасат и се обидуваат да го локализираат пожарот. Погледот ни се задржува на еден млад жител на селото Дељадровци, кој бос и со голи раце продолжува сам да ги гаси зажарените греди на пругата. Неуморно со сета снага прави голем број обиди да се разлади пругата, да направи дистанца од огнот, шините и праговите меѓу нив. Постојано трча наваму-натаму и со кофи вода го гаси огнот близу пругата.
Којзнае какви сѐ мисли му минуваат во главата во тој миг. Една од нив, веројатно, е дека огнот може да ја наруши статиката на пругата, доколку изгорат праговите може да се искриват или изместат шините и тоа да предизвика друга голема трагедија. Во моменти кога секој миг, секоја секунда е драгоцена, кога жестината на огнот ја чувствувате на својата кожа, а чадот навлегува длабоко во дишните патишта и ве задушува, ништо не може да го сопре или обесхрабри момчето од Дељадровци. Тој не запира, туку уште поенергично очи в очи со огнот се бори да скроти пламените јазици. И успева во тоа.
Тој размислува не само за мигот туку и за евентуалните последици во иднината. Беспоштедно се жртвува себеси за да ги спаси и пругата и местото каде што живее. Такви знајни и незнајни јунаци и херои несомнено има насекаде низ државата. Насекаде каде што месното и локалното население деновиве се соочуваат и се борат со пламените јазици. Сепак момчето од Дељадровци е нашиот херој на денот. Во бркотницата и битката со огнот не стигнавме ниту да дознаеме како се вика. Но зарем е тоа важно. За него и за сите други што во тој миг беа под опсада на огнот, најважно и пресудно беше да се совлада огнот. Да се спречи неговото ширење и да се превенираат нови потенцијални опасности. Во моментов неговата приказна сепак е најважна и заслужува внимание.

– Пред 16 часот гасевме пожар од другата страна на пругата, кај гробиштата. Со сѐ што имаме, со сета моќ. Но не се стига огнот, опасно продолжи да се шири и од другата страна на пругата. Со трчање продолживме да интервенираме таму. Јас живеам веднаш покрај пругата. Куќата ми е на 50 метри. Минути фалеа да ми влезе пожарот дома. Успеавме да ја спасиме куќата. Дел од дворот изгоре, и оградата и сѐ што имав во дворот. Но со црева, кофи, кој со што умее и може изгасивме. Среќа бунар имаме во близината, па имавме пристап до вода. Оттука огнот се префрли на пругата, почнаа шините да жарат, димат, да се потпалуваат. Ѕвоневме во Железници да пријавиме, да помогнат и тие. Ни рекоа дека ќе пратат локомотива со пожарна за побрзо да се справиме со огнот, но не можевме да чекаме, моравме сами да се снаоѓаме, сами да се спасуваме. Огнот не чека, бесно се шири и дивее. Не ни остава простор за ништо, освен сами да се бориме со него – вели младото момче, кое со кофа за полевање цвеќиња без престан трчаше низ жешката пруга и ги мокреше шините.
Ни кажа дека намерно со кофа ги гаси за да не предизвика дополнителна штета и пожар, поради далноводот што поминува над пругата. Од греда на греда одеше со кофата и ги гасеше дрвените штици.

– Куќата ми е тука, морам сам да се спасувам. Ако се остави да тлее, ќе се прошири, сѐ ќе се уништи – вели тој и продолжува сам да полни вода, сам да гасне. Да се пробива низ чадот, огнот под нозе, без маска, гол и бос, без никаква заштита. Да ги голта отровите што испаруваат од запалената пруга и бестрашно да гази во ризик.
Умешноста на австриските и на словенечкиот пожарникари, нивната подготвеност, снаодливоста, искуството ги видовме, и навистина се за почит, но не треба да ги занемариме и ваквите македонски херои што со голи раце сами се борат и се спасуваат на терен.
Гаснат со кофи вода, со лопати и со сѐ што ќе им се најде попат. Рамо до рамо со пожарникарите се во битка со огнот. С.Ј. 

Фото: Игор Бансколиев

Сѐ уште има активни пожари на неколку локации

Според последните информации на Центарот за управување со кризи, сѐ уште има активни пожари кај Катланово, ловиштето Јасен и од Топлица кон Крстец.
– Пожарот што започна на 2 август на Бејаз Тепе е локализиран. Пожарот во атарот на селото Будинарци е ставен под контрола и е локализиран. Екипите работат на негово расчистување. На пожарот кај Раовиќ – Буковиќ, каде што на неутврдена површина гори мешана шума, во текот на вчерашниот ден е дејствувано воздушно (авионски) во три-четири наврати. Исто така од земја е интервенирано со дваесетина војници на АРМ и дваесетина припадници на ДЗС и возила – информираат од ЦУК.
Од ловиштето Јасен известуваат дека пожарот од Раовиќ се префрлил на територијата на ловиштето Јасен. На дежурство во селото Раовиќ биле испратени две ПП-возила со пет пожарникари. Истата екипа го изгаснала кракот од пожарот што се спуштал кон селото во 2 часот. Другите краци на пожарот сѐ уште горат.
– На пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје, од земја е дејствувано со 10 вработени и од страна на БППЗ со една екипа, едно ПП-возило и четворица пожарникари и 20 припадници на АРМ. Фронтот на пожарот е насочен кон селото Средно Коњаре. Интензитетот на горење моментално е намален, но состојбата може наеднаш да се промени – додаваат од ЦУК.
Пожарот во атарот на селата Топлица, Ракле и Никодин сѐ уште е активен во делот од Топлица кон селото Крстец во тешко пристапен терен.