Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на маргините на Конгресот на Европската Народна Партија оствари средба со еврокомесарот задолжен за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан.

– Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор мора да биде финализирана брзо, без пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја опструира процедурата во парламентот. На европските интеграции им е потребна лојална опозиција – напиша Хан на Твитер.

На средбата Мицкоски нагласи дека стратешки приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е членство на Македонија во Европската унија и дека во таа насока Партијата ќе продолжи да дава значителен придонес.

Во рамки на Конгресот на ЕНП, Мицкоски оствари средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а предвидено е вечерва да присуствува на Самитот на Европската Народна Партија, каде што ќе се дискутира за изборот за кандидат за Претседател на Европската Комисија.