Непочнувањето на пристапни преговори со Македонија и со Албанија е јасен неуспех на Европската Унија, кажа поранешниот еврокомесар Јоханес Хан на панел дискусијата „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“.

– Многу беше кажано за неспособноста на ЕУ да ги почне пристапните преговори за Македонија и Албанија. Ова е јасен неуспех од наша страна. Европската комисија донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега – рече Хан, додавајќи дека се надева оти словенечкото претседателство ќе може да постигне напредок по ова прашање.


Заев: ЕУ не го исполни ветувањето

Одлуката да не се одржи првата меѓувладина конференција беше големо разочарување за Македонија и за Албанија. Тоа е голем неуспех на политиката на проширување на ЕУ и лоша порака за регионот. Европската Унија не го исполни своето ветување, истакна премиерот Зоран Заев на пленарната сесија на високо ниво „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западниот Балкан”, што се одржува во рамки на „Преспа форумот за дијалог” во Охрид.

– ЕУ може да поставува интегративни задачи, рокови, но не може да ја утврди ниту нашата локација, што е во срцето на Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, а ниту да ја оспори иднината на нашите народи како европски нации во европското семејство – нагласи Заев.