Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, денеска во Европскиот парламент и во ЕК ќе ги презентираат најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.

Засега нема потврда кога ќе бидат усвоени и објавени извештаите за напредокот на земјите во процесот на проширувањето. Земјава очекува повторно да добие зелено светло од Комисијата за датум за почеток на преговори со ЕУ, датум кој потоа треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ. Извештаи ќе бидат објавени и за сите други земји во регионот. Албанија исто така очекува да добие зелено светло за старт на преговори и позитивен извештај од ЕК.

Во средината на овој месец Хан во интервју за Радио Слободна Европа најави дека Европската комисија за време на објавувањето на годишниот извештај за напредокот на земјите, кои се во процесот на проширување, на 29 мај, ќе го соопшти отворањето на преговорите за полноправно членство со Албанија и Северна Македонија.

Начелно беше планирано Советот на министрите на ЕУ таа одлука да ја донесе во јуни, но расправата би можела да биде одложена за министерскиот состанок во јули, на почетокот на финското претседателство со ЕУ, зашто на некои земји им е потребна и согласност од националните парламенти.