Еврокомесарот за соседска политика и за проширување Јоханес Хан денеска ќе престојува во Македонија, со што почнува скрининг-процесот за почнување преговори за членство во Унијата. Според агендата, Хан изутринава ќе има средба со премиерот Зоран Заев, а потоа и со претседателот на парламентот Талат Џафери и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Еврокомесарот Хан, како што е најавено, ќе има обраќање пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. Минатата недела Хан на прес-конференција во Брисел ги најави посетите на Македонија и на Албанија и почнувањето на скрининг-процесот во овие две земји, така што тој, по завршувањето на средбите во Скопје, ќе замине за Тирана. Премиерот Зоран Заев во петокот на средбата со претставници на граѓанските организации го најави процесот како мошне важен.

– Целта е да ги отвориме процесите, а тоа значи дека час поскоро треба да ја подготвиме државата и со преговарачката рамка и со преговарачките тимови за процесот за кој е многу важно колку време ќе потрошиме – рече Заев. П.Р.