Бугарските барања изнесени во објаснувачкиот меморандум за Македонија до ЕУ се ирационални и надвор од сите стандарди на меѓународното право и вредностите на кои се темели Унијата. Но, и како такви, тие се со намера да ни ја одземаат креативната и конструктивна енергија, ресурсно да нѐ исцрпуваат за да се загубиме во времето и просторот. Знаејќи го ова, фокусот на Македонија не треба да биде насочен во таква бесполезна расправа и докажување, туку да се сконцентрираме на клучните суштински реформи што сме ги идентификувале како неопходни, оние што навистина ги бара членувањето во ЕУ, зашто тие се она што значи одржлив развој и просперитет на нацијата и на државата

На почетокот на својот мандат во Македонија, новиот евроамбасадор Дејвид Гир ги повтори веќе познатите критериуми што земјава ќе треба да ги исполни во текот на процесот на преговори до полноправното членство во ЕУ. Во најновото потсетување на новиот шеф на делегацијата на ЕУ, доминантно се нагласени потребите за реформи во насока на владеење на правото, одржување на демократијата и одбрана на човековите права, заштита на животната средина, како и одржлива и динамична економија… Но, сепак, за „пакетот“ да биде целосен не беше заборавен и критериумот за добрососедските односи. Во случајот на Македонија, исполнувањето на критериумот за добрососедство во практика значи спроведување на обврските преземени со билатералните договори за пријателство со Грција и со Бугарија. Но во досегашната речиси тридецениска историја на македонските аспирации за евроинтеграција, се покажа и сѐ уште се покажува дека критериумот за добрососедство, онака како што го замислуваат соседите (членките на ЕУ), всушност ги одзема (и има намера тоа да го прави и во иднина), сето наше внимание, политичка и општествена енергија, да нѐ дефокусира од вистинските предизвици на нашата земја за напредок, реформи и асоцијација во Унијата. Таквиот пристап на соседите создава една состојба на „политичко-проблемски паразит“, вметнат и наметнат во нашето општествено секојдневие, кој „ги цица“ целата креативна енергија и нашата добра политичка волја за суштински реформи и вистински напредок.

Од друга страна, кај нашите политички елити ваквиот наметнат соседски метод, често се претвора во алиби за непреземање на неопходните општествени реформи за исполнување на клучните критериуми, пред сѐ за владеење на правото, кластер (поглавје) што прво се отвора и последен се затвора во преговарачкиот процес за членство во ЕУ.
– Критериумот за добрососедство беше воведен од ЕУ за, при проширувањето со нови членки, тие да не ги внесуваат нивните билатерални спорови, кои ќе го обременуваат процесот на одлучување во Унијата. Но се покажа дека овој критериум повеќе се користи како блокатор на проширувањето. Во нашиот, македонскиот случај, дефинитивно е јасно дека исполнувањето на критериумите за добрососедство во преголема мера нѐ дефокусира од другите клучни критериуми и потребни општествени реформи. Во тој контекст може да се гледа и актуелната ситуација со бугарскиот меморандум до земјите-членки на ЕУ, со барање за поставување нови критериуми за Македонија. Ценам дека во овој случај добрата околност за нас е што таквите барања на Бугарија не наидуваат на поддршка и прифаќање од другите земји-членки.

Иако веќе постојат сомневања дека зад бугарската меморандумска иницијатива се кријат некои поголеми скептици во ЕУ во поглед на проширувањето, а Бугарија е само параван. Но добро е што во ЕУ се согледува дека билатералните прашања, пред сѐ од историска природа, го блокираат проширувањето, кое е дел од стратегијата на новата Европска комисија на Фон дер Лејен за консолидирање на континентот со Западен Балкан, за справување со новите геополитички предизвици, почнувајќи од односите со Кина – вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.
Сепак, најновата реалност во македонскиот политички амбиент, поврзана со евроинтеграциите, е разбранувана со потенцијалот на бугарскиот меморандум да биде новата пречка на патот кон ЕУ. Навистина, бугарските барања изнесени во објаснувачкиот меморандум за Македонија се ирационални и надвор од сите стандарди на меѓународното право и вредностите на кои се темели Унијата. Но и самата нивна артикулација како документ испратен до европските институции со намера тие да бидат вградени во преговарачката рамка за Македонија, ни ја одзема енергијата, нѐ исцрпуваат со ресурси, време, финансии, па и нерви во докажување на спротивното. Но фокусот на Македонија не треба да биде насочени во таква расправа, туку да се сконцентрираме на клучните реформи што ги бара членството во ЕУ, зашто тие носат развој и подем.

Во поглед на ангажираноста на Македонија во насока на исполнување на критериумот на владеење на правото, преку реформи во правниот систем, справување со корупцијата и криминалот, професорот на Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев смета дека не постои јасна визија како да се спроведе тоа и сѐ што е предложено како реформа многу личи на импровизација.
– Секако дека тој критериум за добрососедство ни одзема многу од времето, енергијата и ентузијазмот за евроинтеграции. Едвај се извлековме од опструкциите на Грција, а сега се појавува на сцената и бугарската опструктивност.

Во тоа докажување на Македонија со соседите, во меѓувреме на внатрешен план се запоставуваат и деградираат некои неопходни процеси за реформирање на општеството до европските стандарди. За почеток, изгубена е насоката на реформите со кои треба да се стандардизира вредноста на владеење на правото, критериум со кој започнуваат и завршуваат преговорите за членство во ЕУ. Сега, со опцијата за реверзибилност во преговорите, предизвикот за Македонија со исполнување на овој критериумот од овој кластер е уште покомплексен. Уште повеќе, што сѐ што сега е предложено како реформа на правниот систем личи на импровизација – вели професорот Гордан Калајџиев.