Франција сака постапките за прием на нови членки во ЕУ прво да се „преуредат“, пред ЕУ да даде зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, пишува француски „Монд“, додавајќи дека Франција под тој услов е подготвена да го повлече ембаргото за почеток на преговорите со Скопје и со Тирана.

„Монд“ пишува дека тоа посредно го потврдил и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Загреб, велејќи дека „ако се постигне договор за модернизација на постапката за проширување, верува дека е можен напредок“.

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата му стави до знаење на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз дека „Франција е подготвена за поместување, ако се промени методот на преговори“, пренесува „Монд“ изјава на официјално лице блиско до Макрон.

Макрон, исто така изјавил дека Унијата сака да биде успешна средбата на челниците од Западен Балкан во мај во Загреб. Весникот потсетува дека Франција кон крајот на минатата година предочила дека постапката на проширување мора да се смени во седум „опипливи, постепени и силни етапи“.

„Монд“ наведува објаснување на француски дипломатски извори дека преговорите какви што се сега можат да траат со години, а земјите кандидатки за тоа време фактички да останат надвор од ЕУ, што, како сега во Србија, може да донесе до губиток на волјата кај жителите и за самата замисла за Европската Унија. Затоа е подобро да се развие постапка која постепено ќе ги подготви тие земји кандидати и ќе ги усогласи со правилата на Унијата.

Француски високи претставници за весникот заклучуваат дека „за нас не е работата во тоа безусловно да се противат, туку да се мисли на реформите“. Тие нагласуват дека пред самитот на ЕУ – Западен Балкан „може да дојде до поволни резултати, под услов во таа цел да се утврдат потполно јасни правила“.