Фото: Игор Бансколиев

Според експертите, германскиот нон пејпер, кој треба да биде официјално претставен в понеделник, предвидува илјадници луѓе од Блискиот Исток и од Африка, спротивно на нивната волја, да мора да бидат задржувани во земјите од нашиот регион, кои се и
практично границата со ЕУ

Мигрантите и баратели на азил пред да бидат распоредени во државите во Европската Унија кога ќе пристигнат на Стариот Континент во иднина ќе минуваат низ правни процедури, кои ќе се вршат во државите по должината на границите од ЕУ. Овие информации се содржани во германскиот нон пејпер поврзан со правата на азилантите и мигрантите во ЕУ, кој официјален Берлин го доставил до државите-членки на Унијата. Американскиот магазин „Политико“ информира дека германскиот документ од четири страници веќе го доставиле властите на Берлин до европските земји и тој претставува одраз на политиките што би се практикувале, во пресрет на германското претседателство со Советот на Европа закажано за втората половина на наредната година.

Се наведува и дека овој нон пејпер официјално ќе биде презентиран пред јавноста в понеделник во Брисел, од страна на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Сихофер и тој во себе содржел план што предвидувал актуелните и идни баратели на азил во Европа привремено да бидат задржувани во државите по должината на границите на Европската Унија, каде што во правна процедура, која би траела неколку недели, ќе се утврдувало дали и каде барателите на азил ќе бидат распоредени за да влезат во Унијата.

Во документот се додава дека Германија предлага сите баратели на азил да се регистрираат во базата на податоци за отпечатоци „Еуродак“, со чија помош лажните и недозволени барања „веднаш ќе бидат одбиени на надворешната граница“.
Понатаму германскиот документ предвидува дека местата каде што ќе се задржуваат азилантите би требало да има следствено и соодветните мерки за извршување на овие правни процедури, а доколку стане потребно таму би можело да се воведат и мерките за ограничување на слободата на движење на барателите на азил.
За потсетување, ова не е прва европска иницијатива со вакво решение на проблемот со азилантите и мигрантите.

Лани весникот „Монд“ информираше дека на самит во Софија лидерите на земјите-членки на ЕУ разговарале за предлог од Данска и од Австрија за можноста за отворање мигрантски кампови во државите од балканскиот регион, со што би се спречило бегалците и мигрантите непречено да влегуваат на територијата на Унијата.
Во меѓувреме, за забележување е информацијата дека минатата недела грчкиот заменик-министер за миграциска политика Јоргос Кумуцакос предупреди дека на Европа ѝ се заканува нова мигрантска криза.

Кумуцакос на конференција за иднината на миграциската политика на ЕУ во Виена предупреди дека има драматично зголемување на бројот на мигранти во Европа.
Ситуацијата, според него, не е иста како во 2015 година, но предупредува дека претстои нова криза, а земјите што се наоѓаат во надворешните граници на ЕУ, се оставени сами на себе да се справуваат со состојбите без помош и солидарност на другите држави. Меѓу државите што се наоѓаат во надворешните граници на ЕУ спаѓа и Македонија, која беше меѓу најпогодените земји од претходниот силен мигрантски бран пред неколку години.

Во контекст на актуелните настани, познавачите на случувањата велат дека токму овие актуелни настани треба со големо внимание да се следат во Македонија и во регионот, бидејќи тука за време на бегалската криза минуваше главната маршрута за проток на луѓе од Блискиот Исток и Африка кон Западна Европа, која и натаму се користи од мигрантите, но сега во намален обем.

Аналитичарот Милан Стефаноски вели дека германскиот нон пејпер, онаков каков што е презентиран во медиумите, на прв поглед во практика нуди решение на проблемот со азилантите и мигрантите за државите од ЕУ, но тој во себе воопшто не е полезен за нашата земја и за оние од Западен Балкан.

Според Стефаноски, тоа е така бидејќи нон пејперот предвидува илјадници луѓе од Блискиот Исток и од Африка, спротивно од нивната волја, да мора да бидат задржувани во земјите од нашиот регион, кои се и практично границата на ЕУ.
– Тоа хипотетички, доколку ЕУ навистина сака да го спроведе овој германски документ, би значело Западен Балкан да прерасне во своевиден камп, каде што Брисел би ги спроведувал своите правни процедури во кои би ги заштитувал државите на Унијата – вели Стефаноски.

Тој советува дека ваквата европска политика треба внимателно да биде проценета од надлежните во земјата, и следствено превентивно да се реагира за да се избегне можноста ние да бидеме ставени во ситуација да се грижиме и да се справуваме со проблемите на европските држави со имигрантите, азилантите и бегалците.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]