Сега недостига уште ратификацијата од Шпанија за полноправно членство на Македонија во Алијансата

По изгласувањето на Законот за ратификација на протоколот за членство во НАТО во францускиот парламент, на Македонија ѝ недостига уште ратификацијата од Шпанија за полноправно членство во Алијансата. Сепак, одлуката во францускиот парламент не била донесена едногласно. По дебата што траела повеќе од еден час, против оваа одлука се изјасниле пратениците од Комунистичката партија и од Непокорна Франција. Во парламентарната дебата преовладувал ставот дека Македонија направила големи жртви, како промената на името, на што се надоврзало и отворањето на темата за француското вето на македонските преговори за членство во ЕУ. Додека државната секретарка за европски прашања, Де Моншалан, уверувала дека Македонија има јасна европска перспектива, пратеникот од редовите на социјалистите Ален Давид жестоко ја нападнал владата на Макрон, обвинувајќи ја за лицемерство.

– Навистина е парадоксално да се види парламентарното мнозинство како одлучно маршира за пристапување на С. Македонија во НАТО, во ситуација кога неколку недели претходно претседателот Макрон им ја тресна вратата на оваа земја и на Албанија, со одбивањето да почнат пристапни преговори со Европската Унија – кажал Ален Давид на парламентарната говорница.

Очекувањата на Македонија за полноправно членство во НАТО сега се насочени кон формирањето влада во Шпанија. Сепак, тој процес сѐ уште е неизвесен, поради неубедливиот резултат на премиерот Санчез на неодамнешните избори. Од македонската влада се надеваат дека наскоро ќе се надмине и последната пречка до полноправно членство.

– Првата информација беше оптимистичка, дека се собира мнозинство. Дилемата е дали ќе биде мнозинска или малцинска влада. Информации ќе имаме веднаш по лондонскиот самит, во тој момент кога ќе биде одржана првата седница на шпанскиот парламент. Има работи што зависат од нас, но има работи што не зависат од нас – објасни македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска.