Фото: Дарко Андоновски

Неколкумина фоторепортери попладнево не успеаја да ги фотографираат лидерите на политичките партии кои пристугнуваа пред Клубот на пратениците за лидерската средба. Припадниците на обезбедувањето не им дозволија тоа да го направат на самиот влез на објектот како што побараа.

Во знак на протест, фоторепортерите ги спуштија фотоапаратите пред влезот на Клубот на пратениците.

За овој немил настан се огласи и Марјан Забрчанец, советникот на премиерот, кој на фејсбук вели дека нека не е вистина дека им било забрането на фоторепортерите да си ја вршат работата.

Дел од нив кои се во Клубот на пратениците и го чекаат исходот од лидерската средба, велат дека нивните колеги сакале да ги фотографираат лидерите на влезот на објектот додека изглегуваат од возилата што досега беше вообичаена пракса на вакви средби. 

Наведуваат и дека во расправијата со обезбедувањето и претставниците на Владата им било кажано дека од безбедносни причини не смеат да фотографираат оттаму и оти такви наредби добиле од полицијата.

ВМРО ДПМНЕ најостро го осудува односот на власта кон медиумите и попречувањето на фоторепортерите професионално да ги извршуваат службените задачи.

„Заканите и навредите кон медиумите се закани кон јавноста и го покажуваат немањето демократски капацитет на владејачката гарнитура. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да се извини на медиумите за недоличното однесување кон професионалците кои само ја вршеа својата работа информирајќи ја јавноста. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да го смени својот советник за медиуми кои со закани и потценувачки однос се обиде да ги замолкне и заплаши новинарите. Само со преземање на овие чекори Премиерот Зоран Заев ќе покаже дека сериозно се залага за медиумските слободи“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.